Skip to main content

Во тек е уписот за час за детски приказни по англиски јазик

Часовите за детски приказни по англиски јазик, кај децата од мали нозе ја будат љубовта кон книгата. Утре во просториите на Црвениот крст има отворен ден, каде сите заинтересирани родители од 15 до 19 часот можат да се сретнат со тимот волонтери кој ја води програмата, час за деца по англиски јазик и да аплицираат за нивните деца со цел да бидат дел од оваа интересна програма.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Нов пристап кон англискиот јазик, час за детски приказни на англиски јазик. Волонтерите на Црвениот Крст, Охрид се подготвуваат за новиот пролетен циклус од оваа програма кој започнува на 28 февруари. Станува збор за програма која се реализира уште од 2009 година, како идеја на волонтерите на Црвениот крст Охрид и волонтерите на Мировниот Корпус од САД во Македонија. Како што истакна проф. Љубинка Трпеска, часовите се наменети за најмладите, односно за дечињата од 4-7 годишна возраст. Таа додаде дека оваа програма всушност не претставува класичен курс по англиски јазик, туку опфаќа повеќе аспекти од развојот на едно дете, социо и психо емотивниот развој, како и социјализација од најмали нозе.

„Оваа програма има две главни цели, првата цел е да се доближи англискиот јазик до дечињата, а втората цел е да се поттикни љубовта кон читањето на книгата. Знаеме дека децата денеска се изложени кон телевизијата, интернетот, медиумите и гледањето филмови. Со оваа програма се нуди комплетно нов пристап, значи се поттикнува љубовта кон книгата“ – вели Трпеска.

Покрај учењето на нови зборови преку слушање на приказни за здрава храна, за заштита на животната средина, за пријателствата, за славењето на Божиќ и друго, децата од мали нозе ги запознаваат и  основните 7 принципи на Црвениот Крст, односно децата учат да бидат хумани, првите начела на моралните норми , учат да му помагаат на своето другарче, да споделуваат работи и да го сакаат своето другарче. За тоа како се одвива еден час по англиски јазик, појасни Магдалена Апостолоска, исто така волонтер во Црвениот Крст, Охрид.

„Дечињата кога ќе дојдат го евидентираме нивното присуство, потоа продолжуваат во катчето кое што го нарекуваме библиотека, таму си одбираат книга на англиски јазик, која што им ја даваме да си ја однесат дома ,каде што можат да си ја прочитаат заедно со своите родители и да ни ја вратат наредниот час, со тоа сакаме да им ја всадиме љубовта кон книгата, како и да ги научиме дека треба да се грижат за книгата да ги чуваат и да ни ги вратат во истата состојба во која сме им ја дале“.

Часовите траат по 60 минути и се одржуваат секој четврток. Еден час е поделен во три целини, читање приказни на англиски јазик на глас, пеење песнички, играње на детски друштвени игри и креативни изработки. Уписот е во тек и трае до 15 февруари. Уписот може да се изврши на три начини, родителите секој работен ден можат да дојдат во просториите на Црвениот Крст од 8 до 16 часот каде потполнуваат апликација, исто така можат да аплицираат електронски како и да дојдат на отворениот ден кој ќе биде утре 12 февруари од 15 до 19 часот во просториите на Црвениот Крст.