Украдени 30 пловидбени знаци
30 пловидбени знаци украдени на потегот од струшко Радожда до Љубаништа. Несовесни граѓани за 2000 евра ја оштетија Капетанија на пристаништата на Република Македонија. Од капетанија велат дека поднесена е соодветна пријава до СВР и очекуваат во најскоро време да бидат откриени сторителите.
Украдени 30 пловидбени знаци. Станува збор за езерска сигнализација која Министерството за транспорт и врски ги постави минатата година долж ревиерата на Охридското Езеро. Капетанот на Капетанија на пристаништа Горан Устијаноски, обвинува дека жалосна е сликата кога се посегнува кон добрата кои се наменети за зголемување на безбедноста во водениот сообраќај. Тој кажа дека од ваквиот несовесен чин, капетанија претрпела штета од околу 2000 евра.
„ Станува збор за една дрска кражба посебно на предмети кои придонесуваат за безбедноста. Се работи за пловидбени знаци кои некому некогаш со некаква сугестија со самата нивна содржина можат да спасат човечки живот. Апелираме тоа да не биде појава која сериски ќе се повторува, бидејќи пловидбените знаци не можат за ништо да служат освен за нивната основна намена. Единствено можат само да се фрлат во отпад и апелирам до сопствениците на трговија со секундарни суровини да внимаваат какви материјали ќе добиваат и доколку добијат нешто што асоцира на пловидбен знак да алармираат во полиција“.
Устијаноски рече дека во врска со овој случај поднесена била соодветна пријава до непознат сторител и ќе почекаат службите на МВР да одработат со цел да се откријат можните сторители. Тие не се сомневаат кој би можел да биде сторител на вакво дело.
„Неблагодарно е да се сомневаме, тоа може да го направи секој, знаете дека продажбата односно трговијата со метал во претходниот период стана многу атрактивна овие знаци се изработени од алуминиум и веројатно тој е мотивот за да бидат предмет на кражба, освен за рециклирање не гледам за која намена би послужиле“
Устијаноски вели дека пловидбените знаци повторно ќе бидат поставени, бидејќи според планот на Капетанија истите мора да ги има долж Охридското езеро. Тој смета дека никогаш не можат да бидат изолирани од кражби, но сепак верува дека ваквите дела нема да се повторат.