“Егоманијак” кој од чевлар направи легенда
30 години на чело на најголемиот клуб во светот по Реал Мадрид

Кога би се бирал најдобриот претседател на фудбалски клуб на сите времиња, изборот сигурно би се довел на две имиња – Сантијаго Бернабеу или Силвио Берлускони. Ако е Бернабеу сепак најголемиот тогаш веднаш до него би бил Берлускони.
Кога станува збор за Берлускони, тука нема средина, или го сакаат или го мразат, за едни е ангел, а за други е ѓавол. Низ целата кариера го следат бројни интриги и контроверзи и е одличен материјал за психоаналитичари и докторски дисертации. Може сешто да му се приговара, но никој не може да порекне дека е голем претседател. Бројките говорат 28 трофеи и седум златни топки. Тоа е учинокот на Милан под Берлускони. Овие денови ќе наполни 30 години од кога Берлускони купи 52% акции од Ѓузепе Фарина со што го спаси Милан од банкрот. Оттогаш е негов соптвеник и претседател.
Во почетокот на 80-те Милан преживуваше тешки моменти. Во прошталната сезона на Џани Ривера во 1979 година го освоија десетиот наслов на Италија, а веќе следната сезона се исфрлени од Сериа А поради скандалот со местење натпревари. Милан се врати експресно во елитата, меѓутоа западна во финансиски проблеми и повторно испадна во втората лига, но повторно експрено се враќа во Сериа А. Тука како спасител влегува Берлускони, тогаш како непознат за Европа италијански градежен и медиумски тајкун, познат и под прекарот Il Cavaliere. Во тој момент малку кој претпоставуваше дека во краток рок Милан ќе се врати на врвот во Италија и Европа. Берлускони повлече потег кој на почетокот предизвика неверица и сомнежи, а покасно се покажа дека тој не е амо милионер туку и вистински фудбалски познавач. Берлускони, како од шапка, го пронајде Ариго Саки и го постави за главен тренер на славниот клуб.
Долги години со тренерската работа во помали клубови тој работел и како продавач на чевли, но успеа Парма од третата лига да ја донесе во Сериа А, а Берлускони го забележа кога Парма успеа да го елиминира Милан во купот. Берлускони во Саки препозна нешто и затоа е подеднакво заслужен како и тој за револуцијата која следеше.
По рекордниот трансфер на Роберто Донадони, Берлускони го одврза ќесето и ги доведе холандските генијалци Руд Гулит и Марко Ван Бастен, а следната сезона и Франк Рајкард. Тие четворица заедно со Паоло Малдини, Франко Барези, Алесандро Костакурта и Карло Анчелоти беа скелетот на екипата која газеше во Италија и Европа а Саки го претворија во еден од најголемите тренерски иноватори и авангардисти.
Милан под Берлускони одигра 1494 натпревари и запиша 770 победи, 423 ремија и 301 пораз. Во своето владеење од 30 години Берлускони инвестирал најмалку 750 милиони евра, а најважни трофеи кои се освоени во овој период се 8 титули првак на Италија, 5 титули првак на Европа, 2 интерконтинентални купа и едно светско клупско првенство. Подобар учинок има само Сантијаго Бернабеу. Од Милан повеќе титули има само Реал Мадрид, а така ќе остане уште некое време бидејќи првите кои го следат, Баерн, Ливерпул и Барселона имаат по две титули помалку.
Многумина мислат дека тој требало одамна да е повлече бидејќи го губи контактот со реалноста и стана инфантилен старец кој не знае што прави, но Берлускони упорно се држи и сеуште нема намера да го напушти Милан, иако местото на извршен директор го препушти на својата ќерка Барбара, додека Адриано Галиани и понатаму е потпреседател на клубот.







