Skip to main content

На Мауцкер покрај градежен шут се депонира и комунален отпад

На Мауцкер покрај градежен шут се депонира и комунален отпад, тврдат некои граѓани. Од Локалната ги отфрлаат ваквите информации кажувајќи дека уште утре инспекциските служби ќе излезат на терен и ќе проверат дали навистина состојбата е таква.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Охриѓани реагираат дека на Мауцкер се одлага комунален отпад. Кажуваат дека отпадот потоа се пали што создава непријатна миризба на чад. Се жалат дека овој простор кој веќе е затрупан со градежен шут сега прераснува во депонија. Од Локалната велат дека кај нив досега не е пријавен ваков случај и дека немаат никакви сознанија оти на Мауцкер се депонира комунален отпад.

Јас ве уверувам дека уште утре инспекциските служби ќе излезат на терен и ќе проверат дали навистина состојбата е таква. Одговорно тврдам дека ако има отпад тогаш тој е депониран од несовесни граѓани, а во никој случај од ЈП „Комуналец“. Овај простор повеќе не се користи за одлагање на градежен шут, а комоли за комунален отпад, дециден е портпаролот на Локалната, Томе Џамтоски.

Џамтоски кажува дека Локалната во неколку наврати заедно со ЈП „Комуналец“ го чистела отпадот на Мауцкер кој таму се одлагал со децении наназад, но се откажаа од оваа невозможна мисија. „Комуналец“ ниту технички ниту кадровски можел да одговори на задачата па затоа требаше да се распише јавен повик за изнаоѓање најповолна фирма која ќе се нафати да го исчисти Мауцкер. Во јавноста добро е познато дека на Мауцкер треба да никне долгонајавуваната индустриска зона. Но, се поставува прашањето кој инвеститор ќе даде пари за парцела на која се наоѓа градежен шут и друг вид на отпад.

Поради низа околности процесот околу чистењето на Мауцкер е застанат што не значи дека нема да продолжи. За нас тој зафат е премногу скап бидејќи се работи за голем простор кој буквално е затрупан со отпад. По се изгледа во корелација со Владата на РМ  идните инвеститори сами ќе треба да си го исчистат просторот на кој ќе градат, објаснува Џамтоски.

Портпаролот на Локалната со сигурност тврди дека на Мауцкер веќе подолго време не се одлага градежен шут иако имаме информации дека до месец октомври минатата година со посебна дозвола од ЈП „Комуналец“ граѓаните можеа да депонираат помали количини на градежен шут таму.