Механизацијата на терен, ќе се санира свлечиштето кај Даљан
Со конкретен план и активности, охридските јавни претпријатија добија задача да го санираат свлечиштето на дел од патот до извидничкиот Центар и хотелот Даљан. Локалната самоуправа на Охрид, како и секогаш, максимално е одговорна кога станува збор за проблеми од ваква природа тврди секретарот Димитар Спасески. Граѓаните кои го користат овој патен правец очекуваат брза санација на оштетениот пат со цел да се одбегнат опасностите кои се можни при ваквите состојби.
Градежната механизација на охридските јавни претпријатија од денес се пред хотел Даљан. Во текот на денешниот ден треба да пристигне камен, кој што ќе се употреби во првата фаза за санација на насипот, со цел да се заштити тлото од понатамошно ерозирање на делот од патот до Извиднички Центар. Стручни лица и претставници на Локалната самоуправа денес беа на лице место кај свлечиштето, ја согледаа состојбата на терен, односно оштетувањата на патот, предизвикани од обилните врнежи, како што кажа секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.
„Градоначалникот Бакрачески како што изјави во јавноста веднаш одржа координативни состаноци при што беше задолжена работна група да ги согледа сите аспекти во однос на ова оштетување и исто така да се донесе соодветно решение како ќе се пристапи кон санација на овој проблем кој што сега настана. Денес е финалниот увид на работната екипа, подготвен е конкретен акционен план со конкретни активности со задолжение на секое лице и институција со цел да се пристапи кон решавање на овој проблем“ – вели Спасески.
Спасески кажа дека до утре треба да биде подготвена потребната техничка спецификација за да се објави тендер со кој што во втората фаза овој проблем би се решил еднаш засекогаш. Претставниците на Извидничкиот Центар со апел, надлежните час поскоро да ги преземат сите неопходни мерки за да се санира овој проблем на целиот потег, од мостот до вливот на реката во езерото, бидејќи било поткопано на повеќе места. Претставникот на Сојузот на извидници на Македонија Дончо Тодороски, укажа на можната опасност доколку веднаш не се започне со интервенција.
„Значи прво може да останиме без влез во нашиот центар. Второ трафостаницата која што е повнатре може да падне и да предизвика уште поголема штета, значи нема да може да работиме а туристичката сезона е на прагот, затоа апелираме што поскоро да бидат преземени мерки, бидејќи првата група на извидници ја чекаме за две недели и се надеваме дека до тогаш нешто ќе биде преземено“ .
И покрај тврдењата на директорката на хотел Даљан, Славица Стефаноска и претставниците на извидниците дека проблемот е од пред еден месец и дека сите институции уште од тогаш биле алармирани а не реагирале до сега, со исклучок на Општинскиот Совет за безбедност, кои во суштина ја покренале целата постапка, од општината не се согласни со таквата констатација. Тоа го поткрепија со фактот дека на дел од реката се работело за едно тесно грло кое што во поплавите кои неодамна го зафатија охридскиот регион, оневозможувало истекување на водата и била направена интервенција, односно реката била проширена. Според нив не станувало збор за голем и енормен проблем кој се случувал долго а да не се реагирало, туку тоа бил краткотраен акт на природата каде надојдената вода си го направила своето.