Со „Стари времиња“ започнува репертоарот на охридскиот театар
Со „Стари времиња“ започнува репертоарот на охридскиот театар.
Претставата „ Стари времиња“ утревечер, премиерно ќе се игра пред охридската публика. Под режисерското водство на Нела Витошевиќ играат актерите Горан Стојаноски, Јасмина Билаловиќ и Ирена Ристиќ. Ветуваат драмско задоволство во траење од 55 минути.
„ Стари времиња беше одиграна минатата година на фестивалот Охридско лето. Се одигра и на фестивалот во Струмица. Ова е премиера во нашата матична куќа. Претставата е наградена со Европска награда за театарски сензибилитет “, кажа директорот на Народниот театар , Горан Стојаноски.
Покрај оваа престава од народниот театар најавуваат бројни проекти како што се „Парламентарки“ во режија на Ненад Витанов, проект од Аристофан, комедија со актерите Никола Тодороски, Стрезо Стаматоски и Филип Китрозоски, детска претстава „Убавицата и ѕверот“ во режија на Ѓорѓи Ризески, а на 5 март ќе се одигра авторски проект на Никола Тодоровски.
„ Очекуваме да излезат 4 нови проекти до средината на март. Поточно стартуваме на 25 февруари со интересна копродукција проектот „Импровокација“, а во меѓувреме правиме и реновирање на долната подрумска сцена, обновување на еден стар простор“, вели Стојаноски.
Народниот театар од Охрид, покрај претставите пред домашната публика, има планови да гостува и во земјава со претстави на театрските сцени на Националниот фестивал „ Војдан Чернодрински“ во Прилеп, Фестивалот на комедијата во Куманово и во Стоби, Велес.
Охридскиот народен театар годинава одбележува јубилеј 5 години од неговото формирање, по згаснувањето на некогашниот градски театар кој функционирал од 1949 до 1955 година.