Курдската вооружена група Јастреби за слободата на Курдистан (ТАК), која во минатото беше поврзувана со Курдската работничка партија (ПКК), денеска презеде одговорност за нападот со автомобил-бомба во средата во Анкара, при што загинаа 28 лица.
„Туризмот е главната цел која сакаме да ја уништиме. Ги предупредуваме туриситите да не доаѓаат во туристичките делови на Турција. Ние не одговараме за тоа кој ќе умре во нападите во тие региони“, истакна групата во соопштението на англиски јазик.
ТАК соопшти дека бомбашкиот напад бил извршен како одговор на политиката на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и дека ќе продолжи со нападите. Групата потврди дека напаѓачот е 26-годишен турски државјанин, роден во градот Ван, во источниот дел на Турција.
Групата, исто така, презеде одговорност и за нападот на аеродромот „Сабиха Ѓокчен“ во Истанбул, извршен во декември минатата година, во кој загина едно лице.
Турската Влада за нападот ги обвини ПКК и сириските курдски сили за заштита на народот.