Спасески: Нема конкретен временски рок за враќање на земјиштето во првобитна состојба после инсталациски зафат
Конкретен временски рок за враќање на прекопите во првобитна состојба после одреден инсталациски зафат нема, велат од Локалната самоуправа на општина Охрид. Но интенцијата била веднаш да бидат санирани местата каде што се раскопува, вели секретарот Димитар Спасески. Овие денови раскопани се тротоарските површини на неколку места во градов, за изведба на различни подземни инсталации.
Општина Охрид од почетокот на годинава се зафати со уредување на тротоарската површина во делови од градов. Јавните претпријатија како и дел од приватните фирми на кабелските оператори со полни раце работа. Најчесто тротоарите се раскопуваат за изведување различни подземни инсталации за потребите на одредени компании или граѓаните. Но дел од јавноста се интересира после колку време од одредениот зафат местото треба да биде вратено во првобитната состојба.
„Конкретен временски рок да сме ограничени не постои, но секако дека интенцијата е да се завршат веднаш тие градежни зафати, се трудиме и со сите оператори било да се кабелски оператори, ЕВН или телеком, онаму каде што интервенираат од страна на Секторот за комунални дејности сообраќај и улици добиваат конкретен рок за завршување на активностите со цел земјиштето да се врати во првобитна положба“.
Спасески изјави дека континуирано како одговорна Локална самоуправа онаму каде што пристапуваат кон одредени градежни активности се трудат навремено истите да бидат завршени и после тоа земјиштето да се врати во првобитната состојба.
Инаку, како што информираше портпаролот на Секторот за комунални дејности сообраќај и улици, Љупчо Танески, во моментов се изведуваат активности на пресекот на „Туристичка“ со ул. „Абас Емин“, каде што работат екипите на ЈП Нискоградба, Р.Е. Водовод, екипите на ЕВН и кабелските оператори. Тука се поставувала нова инсталација а некаде се проверувала постоечката. Исто така раскопано е и на „Туристичка“ на пресек со ул. „Јане Сандански“ во близина на гимназијата, каде екипите на Нискоградба поставуваат атмосферска канализација за потребите на новиот кружен тек, додека пак екипите на Водовод во должина од 300 метри ги заменуваат старите азбестни цевки со нови полиетиленски, за потребите на населението што живее во близина на тој потег.