Шпански темперамент и македонска музикалност во едно
Светски познатата музичарка со македонско потекло, Маика Маковски на посета во Македонија за снимањето на видео спотовите за нејзиниот најнов албум.
Од Мајорка, преку Барселона, до Охрид и Буково. Вака некако изгледа животната траекторија, на познатата шпанска музичарка со македонско потекло Маика Маковски. Таа деновиве беше во посета на нашата земја, и нејзините роднини во Охрид. Во Македонија, освен желбата да се види семејството ја донесе и работата. На неколку локации низ земјава, таа заедно со нејзиниот бенд снима видеа за нејзиниот најнов албум кој наскоро треба да доживее промоција.
„Бевме во Скопје, во Маврово, сега во Охрид, Битола и Буково, тоа е малото село од каде потекнува татко ми, па потоа повторно одиме во Скопје. Правиме видео уметност за да ги илустрираме песните, па мислам и дека целиот албум иако не зборува директно за Македонија, една песна тоа го прави, но не и остатокот, сепак е тоа една почит затоа што Македонија е иницијалната каписла која предизвика се останато.“-вели музичарката Маика Маковски.
Маика вели дека кога станува збор за нејзината поврзаност со музиката, таа едноставно од секогаш знаела дека ќе живее живот исполнет со музика, онака како што го поминала целото свое детство.
„Фактот што татко ми е музичар, е причината поради која се започна. Јас пораснав помеѓу инструменти, татко ми е една навистина невообичаена личност, дури и за македонски стандарди, свири многу инструменти, така да секогаш имав музика околу мене, така израснав. Започнав да создавам музика кога имав 12 години, а со настапи започнав на 15 години, и од секогаш знаев што сакам да работам. До својата 18та година веќе имав и свој бенд, а на 21 година го снимив првиот албум. Ова ми е веќе седми албум.“-рече таа.
Маика вели дека наскоро повторно ќе се врати во Македонија, овој пат за да го промовира својот најнов албум, а се надева да не посети и престојново лето. Инаку Маика Маковски е шпанска музичарка родена во Мајорка, од татко родум од Буково и мајка андалузијка. Нејзината музика веќе години наназад привлекува огромно внимание во светски рамки. Покрај Маика, во бендот кој го носи нејзиното име, уште членуваат и Давид Мартинез, ЈЦ Луке и Сарим Помело.