Постои интерес за изградба на нови бродови кои ќе пловат по Охридското Езеро
Идејата е за странските туристи да се понуди покомплексна туристичка понуда, а не само прошетка по езерото.
Дали ќе станат реалност приватните замисли на наши сограѓани за изградба на нови бродови кои ќе пловат низ водите на езерото? Вакви идеи неофицијално се стигнати и до Капетанијата на пристаништата на Република Македонија од каде велат дека доколку истите се реализираат, тоа ќе значи можност на странските туристи да им се понуди една посеопфатна туристичка услуга.
„Современите текови во туризмот го чинат своето. Во Охрид има се повеќе странски туристи на кои што треба да им се понуди не само услуга транспорт туку и да им се понуди една покомплексна услуга. Така да има некои иницијативи кои што се во предразработка да кажам односно во фаза на изготвување на идејни решенија.“-вели капетанот на Капетанијата на пристаништата на Република Македонија, Горан Устијаноски.
Устијаноски вели дека Охрид располага со доволно стручен кадар кој би ги изградил евентуално тие бродови, но и со кадар кој би управувал со тие пловила носејќи ја титулата капетан. А еве како оди постапката за градење на брод според законските прописи.
„Прво се изработува генерален план, односно идејно решение на бродот, каде што самиот инвеститор ќе ги инкорпорира сите оние елементи кои што се потребни да ги има еден брод. Односно да има ресторан или да нема, да има толку вц-а, да има или да нема затворена палуба, содржините на бродот. Кога ќе биде завршено идејното решение, се пристапува кон изработка на главна планска документација, односно на главен проект за бродот, тој мора да биде заверен од класификациско друштво, во случајов Биро Веритас, и после тоа се отпочнува со градба.“-рече Устијаноски.
Капетанијата ја следи и самата градба и колку таа соодветствува со она што е наведно во проектната документација, потоа се вршат и тестирања на бродот и пробни возења. Инаку што се однесува до цената за изградба на едно вакво пловило, според Устијаноски истата варира во зависност од многу фактори, но пред се од моторот кој ќе го движи пловилото, како и типот на ентериерот кој ќе биде употребен за декорација на бродот.