Злоупотребени слики од фејсбук на охриѓани
Недолично видео, кое осамна на каналот Youtube, шокира пет охридски семејства. Во содржината на видеото биле употребени слики од деца, како и од дел од возрасните, а истите биле земени од профили на социјалната мрежа фејсбук. СВР Охрид работи на расветлување на случајот.
Пет охридски семејства – жртви на компјутерски криминалитет. Станува збор за злоупотреба на лични податоци. Пред два дена, на каналот Youtube осамна видео со порнографска содржина каде биле вметнати слики од деца и возрасни. Сликите, засега непознатиот сторител, ги симнал од профилите на оштетените на социјалната мрежа фејсбук. Засегнатите родители велат дека претрпеле голем шок и дека се соочиле со многу непријатни моменти. Посебно реагираат за злоупотребата на децата, од кои најмалото е бебе на 9 месечна возраст. Поголемите деца овие два дена одбивале да одат на училиште, стравувајќи дека некој соученик го видел недоличното видео.
„На Youtube беа ставени сите мои три малолетни деца и скоро сите од фамилијата бевме ставени…… половина од сликите беа со девојчињата, а другата половина со порнографска слика. Моментално немаме никакво сознание…..пријавено е во МВР, чекаме одговор и од таму ни рекоа дека ќе се среди“.
Нашиот соговорник кажа дека откако пријавиле во СВР Охрид, веднаш било реагирано. Дежурниот полицаец покажал големо внимание за случајот и во рок од половина час клипот бил тргнат од Youtube каналот.Сепак, истиот бил веќе погледнат стотина пати. Случајот ни го потврди и портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
„Пред два дена во СВР Охрид пријавено е казненото дело злоупотреба на лични податоци. Имено, според наводите во пријавата, се работи за поставување на слики со недоличен текст на Youtube. Она што е карактеристично, е дека и во овој случај СВР Охрид ќе постапи според процедурата за решавање на овие казниви дел…….ќе биде запознаен Јавниот обвинител, а понатамошната постапка ќе биде во согласност со неговите насоки како и во соработката со единицата за борба против компјутерски криминалитет при МВР“.
Инаку, Димоски информираше дека на годишно ниво во Секторот имале 4-5 вакви пријави, поврзани со разни форми на компјутерски криминалитет. Тој упати апел до родителите, посебно да водат грижа за контактите на нивните деца преку социјалните мрежи, односно да имаат конкретен увид за комуникацијата што нивните деца ја имаат со лица на нивна возраст или повозрасни.