Спомен обележје и именување на улица за достојна почит на охридскиот гемиџија Марко Бошњаков
Вака, но и со интонација на македонската химна, положување на цвеќе пред куќата на Бошњакови и историски час, денес одбележана 108 годишнината од смртта на охриѓанецот Марко Бошњаков.
Покрената иницијатива за именување на некоја од главните охридски улици со името на охридскиот гемиџија Марко Бошњаков како и поставување на негово спомен обележје. Ова само како предвесник на денешното чествување на 108 годишнината од неговата херојска смрт за вечните македонски идеали. Претседателот на комисијата за одбележување на празници и манифестации, Дејан Паноски вели дека во реализацијата на оваа иницијатива ќе бидат вклучени историчарите, како и семејството на Бошњаков како би се донела најправилната одлука.
„Во иницијативата е напоменато една од главните улици во Охрид, тоа ќе оди во една демократска расправа каде што ќе се види кое би било најпогодно решение, да се именува со негово име, а предлог, повторно предлог кој што ќе треба да се разгледува нормално, е локацијата за поставување на спомен обележје да биде на источната страна од црквата „Св.Константин и Елена“ каде што според историските наводи, онака како што рекле историчарите, е погребана главата на Марко Бошњаков, и низ еден таков симбол всушност да се оддолжиме на неговото дело.“-вели Паноски.
Идејата на Бошњаков и неговата дружина како и пораката која тие сакале да ја испратат за идните генерации е порака на обединување смета раководителката на подрачното одделение на Државниот архив на Македонија, Славица Јанкоска.
„Саможртвата што ја направија тие, дел од нив погинаа затоа што таква им беше целта, но дел од нив сметаа дека треба да останат живи за да продолжат да се борат за осамостојување на Македонија. Саможртвата, индивидуалноста, е она што денес можеме да го наречеме поединечно, да се лоцира еден проблем, да се формира нешто, било што да се прави, треба иницијатива од некој поединец, но поединечното треба да премине во општото, сите ние да ја сфатиме нивната порака.“-рече Јанкоска.
На 28ми април 1903 година, Марко Бошњаков заедно со другите гемиџии, ја извеле најголемата терористичка акција во тоа време против османлиите. Гемиџиите во воздух ги дигнале бродот „Гвадилкивир“, „Банк Отоман“, „Гранд Хотел Солун“, кафеаните „Ал Хамбра“ и „Ноја“, „Египет“ и „Бошнак-ан. Бошњаков, заедно со уште неколку од атентаторите бил уапсен, осуден на смрт, а подоцна пресудата му била заменета со ропство во Африка. Охридскиот гемиџија, на неговите другари Павел Шатев и Ѓорѓи Богданов им оставил аманет „Ако телото се тркала, не дозволувајте истото да се случи со главата“. Шатев и Богданов го исполниле тоа и по неговата смрт, главата ја донеле во неговиот роден град. Денес по повод 108 годишнината од погибијата на охридскиот гемиџија Бошњаков, пред куќата каде тој живеел и израснал, во стариот дел на градот, беше интонирана македонската химна од страна на хорот при ОУ „Христо Узунов“, беше положено цвеќе од претставници на локалната самоуправа како и ОУ „Христо Узунов“, а пригоден говор и историски час одржаа претседателот на комисијата за одбележување празници и манифестации, Дејан Паноски и раководителката на Државниот архив на Македонија, Славица Јанкоска.