Skip to main content

Охриѓани несебично даваат поддршка за малиот Кирил


Охриѓани деновиве несебично ја даваат својата поддршка за лекување на малиот Кирил Митрески. Така беше и синоќа во преполнетата сала на ЦК „Григор Прличев“ каде се одржуваше хуманитарниот концерт посветен за него.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Охрид деновиве живее во духот на хуманоста, солидарноста и општите човекови вредности.

 Ова синоќа го изјави првиот човекна градот Никола Бакрачески непосредно пред одржувањето на хуманитарниот концерт посветен на Кирил Митрески, на кој присуствуваше градоначалникот, заедно со директорите на јавните претпријатија.

„Се надевам дека на овој концерт и наредните неколку денови на хуманитарните активности кои што ќе бидат организирани со овој повод граѓаните масовно ќе ја дадат својата поддршка за ваква една хумана активност. Така да ја користам оваа прилика да упатам апел до сите граѓани на Охрид секој во рамки на своите можности да партиципира за собирање на потребната сума на средства која што отприлика според моите информации би изнесувала околу 80 000 долари, кои што семејството на малиот Кирил не може да ги обезбеди. Се надевам дека граѓаните ќе бидат масовно ангажирани и вклучени во активностите и дека овие средства ќе бидат собрани“.

Бакрачески најави дека како Локална самоуправа за два дена ќе се состанат и ќе одредат сума на парични средства која што значително ќе придонесе да се собере бараната сума за лекување на Кирил. Претседателот на Црвен крст, Сашо Точков вели дека деновиве импозирала хуманоста на охриѓани.

„Свесни сме дека и оваа помош е ограничена и дека сумата која што треба да се собере е огромна но секако и семејството но и ние како Црвен крст Охрид очекуваме и институциите, градоначалникот кажа дека Локалната самоуправа ќе се вклучи, но очекуваме дека и Фондот за здравствено осигурување на Р Македонија ќе најде начин како да помогне во решавање на овој проблем, односно во изнаоѓање средства за да се оперира малиот Кирил и да се спаси еден човечки живот. Благодарност до сите кои беа вклучени овие дена и кои ќе се вклучат понатака од охриѓани до сите културно уметнички работници кои што со својот придонес ги анимираат и собираат хуманите луѓе“.

На синоќешниот хуманитарен концерт пред бројната публика во Центарот за култура настапија, Емилија Маринова, Горан Папаз, Филип Стојковски, Ѓоко Танески, групата Камелеон како и актерите, Стрезо Стаматоски и Никола Тодороски. Хуманитарен концерт претходно се одржа и во кафе бар „Ликвид“, а средства за спас на Кирил може да се донираат и на телефонските броеви: 070 143 153 и 075 и 077 143 462.