Skip to main content

Во Охрид многу малку се говори за аутизмот-наредната недела трибина на оваа тема

Ова меѓу другото е и една од причините за организирање на трибина токму во нашиот град за која интерес покажуваат многу експерти, стручни лица и секако родители.

 |  Мишел Наумоски  | 
autizam

 

Евидентниот пораст на бројот на деца со аутизам во светски рамки, но и на ниво на Република Македонија се повеќе ја засилува потребата за подигнување на јавната свест за оваа состојба. Многу семејства во нашата земја за жал под превезот на интимата скришум се борат со аутизмот на нивното дете. Евиденција на децата со оваа состојба, барем во нашиот град нема. Според дефектологот Александра Апостолова која работи во дефектолошката служба при Општа болница Охрид, вели дека поради непостоењето на соработка помеѓу повеќе институции, често се губи и комуникацијата со семејствата кои имаат аутистично дете, па оттука скоро и невозможно е да се имат точната бројка на лица кои ја имаат оваа состојба во нашиот град. Фактот дека малку се знае за аутизмот, а уште помалку се говори во Охрид, Апостолова вели дека е една од причините зошто токму на оваа тема нареднава недела токму во нашиот град ќе се одржи трибина на која учество ќе земат повеќе стручни лица, како и родители на деца со аутизам.

autizam rabota so deca„Повеќе типови на родители има, некои го прифаќаат тоа како проблем, има некои родители кои што едноставно не можат да го прифатат, не можат да прифатат дека нивното дете е дете со аутизам и тие родители најчесто одбиваат третмани, одбиваат соработка мислејќи дека времето ќе биде на нивна страна и на нивното дете ќе му се подобри состојбата.“-вели Александра Апостолова-дефектолог при Општа болница-Охрид.

Дел од трибината ќе биде и еден од врвните експерти за аутизам, претседателот на Македонското научно здружение за аутизам, професор д-р Владимир Трајковски. Тој вели дека Македонија за среќа спаѓа во земјите кои имаат добра законска регулатива што се однесува до аутизмот, но според него таа не функционира на терен.

tribina autizam„Нажалост во практика тоа не е така. Нема баш во сите училишта редовно вработен дефектолог, и заради тоа мислам дека Владата и ресорното министерство за образование и наука мора повеќе да поработи на таа работа, да што повеќе се вработуваат дефектолози бидејќи само тие дефектолози се обучени и треба плус да се дообучат, потребна е плус едукација за работа со деца со аутизам, да можат да помогнат на наставникот кој работи во редовната настава, бидејќи еден наставник кој работи со 30 невротипични деца кога ќе му дадете уште едно дете со аутизам тука не може да му се посвети и на останатите деца, а камо ли на детето со аутизам и тука мислам дека родителите понекогаш прават и грешка кога инсистираат и потешки случаи со аутизам да ги даваат во редовните училишта.“-рече проф.д-р Владимир Трајковски-Македонско научно здружение за аутизам.

Трибината на тема „Аутизмот и неговите предизвици во нашето општество“ е прва од ваков вид која се одржува во Охрид. Претходно вакви трибини, проф.д-р Трајковски има одржано уште во Штип. Трибината ќе се одржи на 12ти март во големата сала на општина Охрид со почеток од 12 часот. На истата покрај експертите, свое обраќање ќе имаат и градоначалникот Никола Бакрачески и д-р Сашо Василески како претседавач на интерпартиската парламентарна група за деца со посебни потреби. Инаку, сите заинтересирани кои сакаат да земат учество на оваа трибина, истото треба да го најават и потврдат на имејл адресата aleksandra_apostolova@yahoo.com.