Дали локалната добива надомест за поставената урбана опрема на ул.Коста Абраш на самиот кеј?
Од локалната велат дека нивните служби ќе излезат на терен за да ја констатираат состојбата. Поранешната летна тераса на Немо пак, ќе остане на истото место уште извесен период.
Повторно поставена урбана опрема на улицата Коста Абраш на самиот кеј од езерото. Иако станува збор за површина намената за пешаци, на оваа локација особено во летниот период се поставуваат маси и столици од околните угостителски и хотелски објекти. Комуналната инспекција летово ова донекаде го регулираше со посебниот режим на сообраќај за тој дел од градот, а сега ќе утврдува дали поставената урбана опрема на улицата Коста Абраш на самиот кеј од езерото е поставена со дозвола на општината и дали за тоа се плаќа соодветен надомест. Портпаролот на општината, Томе Џамтоски вели дека нивните служби ќе излезат на терен за да ја проверат ситуацијата.
„Ако плаќа за целата година, претпоставувам дека има основа да ги постави масите, ако не плаќа за цела година, ако плаќа само во екот на туристичката сезона односно само во моментот кога го носиме посебниот режим на сообраќај на тој дел, тогаш веројатно прави прекршок и многу е едноставна за разрешување оваа ситуација, ако плаќа на годишно ниво во моментов буквално не можам веднаш да ја дознаам информацијата дали посочен туристички објект плаќа за цела година за користење на тој простор или плаќа за време на летната сезона. Ќе се констатира на лице место и ќе се постапи онака како што налага законот. Ќе има соодветна пријава или ќе нема соодветна пријава, тоа ќе го утврдат нашите служби, односно комуналната инспекција.“-вели Џамтоски.
И додека на кејот од езерото на улицата Коста Абраш се поставува урбана опрема, поранешната летна тераса на објектот Немо сеуште стои на истата локација, иако локалната уште пред три месеци издаде решение за отстранување на објектот до неговиот сопственик. Портпаролот Џамтоски вели дека сопственикот се обврзал да го отстрани објектот, но наишол на одредени потешкотии.
„Пред неколку дена ни посочи дека има некакви технички проблеми, во некое меѓучовечко разбирање, оставивме простор уште десетина дена за да ја тргнее таа опрема од тој простор. Не треба да има никаков проблем, можеби граѓаните кои го користат тој простор тоа не им одговара, меѓутоа редно е да се покаже човечност и да им се излезе во пресрет на човекот, ама велам нема дилема дека тоа ќе се отстрани оттука. Не замоли човекот, имаше разговор со нашите раководители, не замоли за уште малку простор, малку време за да ја отстрани таа опрема.“-рече Џамтоски.
Иако можеби тенкиот слој на снег кој синоќа ги побеле околните планини не наговестува дека сме блиску до новата летна туристичка сезона, сепак, барем календарски, тоа за два-три месеци треба да се случи. Оттука јасно е дека комуналната инспекција час поскоро треба да се погрижи за разрешување на овие и вакви слични ситуации како би обезбедиле пристојна летна туристичка сезона, но и соодветен прилив на средства прибрани по основ на надоместоци за поставување на урбана опрема.