Неколку охридски улици без јавно осветлување
Во мрак, без јавно осветлување останаа неколку охридски улици. Тоа се случило поради силниот ветер кој пред неколку дена го зафати нашиот град, велат од Сектор за комунални дејности сообраќај и улици.
Деновиве без јавно осветлување останаа улиците „Момчило Јорданоски“ и „Марко Цепенков“ од Охрид. Граѓаните кои живеат на овие улици сведочат дека неколку денови се движат низ темни сокаци и укажуваат дека со модернизацијата на новиот систем за осветлување со лед диоди не очекувале ваков проблем. Како причина за ваквата состојба, од Секторот за комунални дејности сообраќај и улици ги наведуваат временските прилики и силниот ветер кој што го зафати нашиот регион.
„Во дослух со Јавниот приватен партнер дознавме дека направило определени проблеми на различни локации од територијата на општина Охрид, делови од градот останаа без улично осветлување, но за краток временски период техничките тимови на Секторот заедно со јавниот партнер излегоа на терен ги увидоа настанатите проблеми и штети и најголем дел од проблемите беа санирани“
Љупчо Танески од Сектор за комунални дејности сообраќај и улици ги посочи местата и во останатите делови од градот каде силниот ветер направил оштетувања врз јавното осветлување.
„Стануваше збор за јавното осветлување кај болничкиот комплекс по должината на ул „Марко Нестороски“, дел од ул „Абас Емин“ исто така имаше проблем со јавното осветлување некои од новопоставените фенери во стариот дел на градот“
Танески тврди дека сите проблеми кои настанаа заради невремето проследено со силен ветер, во краток временски период биле решени. Инаку само за потсетување чешката компанија „ИСЦ-Системи“во наредните 15 години треба да се грижи за уличното осветлување во Охрид. Оваа компанија беше избрана преку моделот на јавно приватно партнерство. Фирмата од Карлови Вари презеде обврска да инвестира 3 милиони и 570 илјади евра за модернизирање и проширување на системот за јавно осветлување, така што треба да изврши замена на 7.627 постоечки светилки со лед енергетски ефикасни светилки и дополнително да изведе 620 нови сијалични места, вклучувајќи го осветлувањето на убавините на стариот дел од градот.