Skip to main content

Ковачески: ЕВН не може да краде струја, наплатува онолку колку што е отчитано

Многу корисници на електрична енергија сметаат дека често се манипулира, односно се краде електрична енергија. Има и такви кои сметаат дека струја им крадат соседите, а ретки се оние корисници кои не се посомневале во кражба на струја преку диви приклучоци и од правни субјекти. Од ЕВН Македонија тврдат дека никогаш не наплатуваат повеќе од она што е потрошено.

 |  Николоска Биљана  | 

Дали ЕВН ги „краде“ потрошувачите? Ова прашање се наметнува речиси кај секој потрошувач на електрична енергија бидејќи сите ние забележуваме дека има поголеми варијации во износот на нашите сметки за потрошена електрична енергија. Портпаролот на ЕВН Атанас Ковачески за ТВМ тврди дека ЕВН не може да краде туку наплатува онолку колку што е отчитано.

„Ако некој корисник мисли дека ЕВН има прекршено некое право тоа може да го побара пред сите надлежни институции, ЕВН има обврска да одговори на сето тоа како сите други правни субјекти. Значи ако некој случајно биде оштетен правдата може да си ја побара нормално на суд пред кој суд, ЕВН одговара како компанија. Значи никогаш не наплатуваме повеќе од она што е потрошено. Во случај некаде да не е отчитано па доаѓа до поголеми сметки во секој момент корисникот може да направи корекција на сметката, не мора да ја плати ќе му се направи нова корегирана и ќе може да си ја плати таа сметка“.

Ковачески појасни и околу тоа како може да се забележи дали на неговото броилото некој друг корисник манипулира или краде електрична енергија.

„Апел до корисниците, тие можат да проверат вака, да ги исклучат сите уреди во станот или објектот во кој што живеат, или буквално сите осигурувачи да бидат исклучени, да нема ништо под напон. Тогаш нека го проверат мерниот уред, броилото дали светлосниот сигнал цело време свети континурано без прекин значи се е во ред, ниту некој е дополнително приклучен на мерниот уред ниту се губи електричната енергија. Но ако тоа и понатаму трепка тогаш треба да се провери дали зад броилото има некој друг кој е приклучен и краде од овој корисник“ –вели Ковачески.

Оваа постапка секој корисник може да ја направи сам, вели Ковачески. Додава, дека понатака се пријавува до екипите на ЕВН, кои на лице место проверуваат и ако го откријат таквиот корисник кој е дополнително вклучен да краде, тогаш веќе полицијата презема мерки. Ковачески исто така информира дека секое делување на комшии или роднини околу броилата е сомнително, бидејќи до броилото треба да имаат пристап само екипата на ЕВН Македонија, и тоа со налог за работа на тоа мерно место. Доколку корисниците забележат било кој што не е од ЕВН, а постојано е околу броилата или има било какво дејание може слободно да пријават.