Skip to main content

Хакерите изведоа еден од најголемите грабежи на банка во историјата

Се верува дека хакерите кои стојат зад нападот “избегале” со 80 милиони долари

 |  инфодеск  | 

Компјутерските арамии кои ја нападнаа централната банка на Бангладеш се обиделе да украдат една милијарда долари, но откриени се откако украле 80 милиони долари, објави Reuters.

Цитирајќи ги банкарските службеници, Reuters објави дека бандата која стои зад нападот користела украдени уверенија за преносот на пари да изгледа законито. Ако биле реализирани сите барања, бандата ќе извлечеше една милијарда долари. Меѓутоа, трансферите се прекинати кога обемот на барања предизвикал сомнежи кај другите банки.

Се верува дека хакерите кои стојат зад нападот избегале со околу 80 милиони долари, што е еден од најголемите грабежи на банки во историјата.

Пред нападот, кој се случил пред еден месец, бандата некое време ги проучувала внатрешните процеси на централната банка на Бангладеш за да се увери дали нивните членови можат да се претстават како службеници на банката при барања за трансфер.

Меѓутоа, како што наведува Reuters, бројот на трансакции и правописна грешка помогнале да се предупреди персоналот на банката дека се работи за грабеж.

Украдените 80 милиони долари завршиле на сметки во Шри Ланка и Филипини, а централната банка на Бангладеш покренала постапка за враќање на парите.