Skip to main content

За месец дена Охрид ќе ја добие финалната верзија од стратегијата за развој на туризмот

Во моментов стратегијата во нејзината работна верзија е веќе завршена, а инволвираните чинители во наредниов период ќе ги гланцаат и последните детали како Охрид конечно за прв пат би добил ваков документ за развој на туризмот.

 |  Мишел Наумоски  | 
strategija turizam

Завршена работната верзија на стратегијата за развој на туризмот во Охрид за периодот 2016-2020 година. Изминатиов период, локалната самоуправа во соработка со Swiss contact и ИМЕ програмата, како и сите чинители од областа на туризмот во градов, па и земјава работеа на подготовка на оваа стратегија за туризам по методологија препорачана од страна на Светската трговска организација и Европската комисија. Ѓоко Апостолов од Секторот за туризам и локален економски развој вели дека во наредниот период ќе се прават понатамошни анализи во однос на тоа дали треба нешто дополнително да се корегира по што истата како документ ќе треба да биде донесена и прифатена од страна на Советот на општина Охрид.

strategija 2016-2020“Одржавме голем број на работилници и состаноци на кои што преку различни методолошки алатки, SWOT анализи, беше оформен концептот и нормално беа консултирани и сите оние достапни и валидни документи од минатото кои што се во сферата на стратешкото планирање, или на било кој друг начин се поврзани со туризмот. Така да верувам дека во наредниов период би рекол од околу месец дена ќе се извршат сите овие финални и детални анализи и корекции по што ќе ја имаме и финалната верзија на стратегијата која што ќе треба да биде одобрена од страна на Советот на општина Охрид.”-вели Ѓоко Апостолов-Сектор за ТЛЕР.

Стратегијата за туризам на општина Охрид за периодот 2016-2020 година како стратешки документ нема да биде документ по кој ќе се ориентираат само локалните, охридски чинители во областа на туризмот, туку дека ова ќе биде документ од поширок аспект.

strategija turizam ohrid“При самата подготовка на оваа стратегија беа земени во предвид и сите национални документи, стратегии, закони кои што се однесуваат на туризмот, посебно за Охрид. Така да при самата имплементација на стратегијата, мора да се гледа во еден поширок аспект, затоа што Охрид како локална самоуправа може да ги реализира оние проекти и активности кои се во ингеренција на општина Охрид, но се разбира, сите други работи кои што се на државно ниво ќе мора да се одлучува или да се имплементира од институции кои се надлежни за нив.”-рече Апостолов. 

Деновиве беше презентиран концептот на самата стратегија и во соседна Албанија, во својата работна верзија, но без деталите кои дополнително ќе се разработуваат. Апостолов вели дека иако самото тоа што за прв пат се изработува ваков документ за развој на туризмот во градов е важно, според него уште поважно е тоа како во предвидениот период од 2016та до 2020 истиот ќе биде имплементиран. Инаку стратегијата ја изготвува консултантска компанија од Скопје, а во соработка и преку бројни работни состаноци на сите туристички работници од градов, како и институции од областа на заштитата на природното и културното наследство.