Skip to main content

Ќе се уредува локалитетот „Сини Вирови““

Локалитетот, Белчишко Блато или „Сини Вирови“ е еден од најголемите сочувани еко системи во Македонија. Општина Дебрца, заедно со Грција, преку Европската Унија за погранична соработка, до 31 Март треба да аплицира со проект, за уредување на ова парче недопрена природа, каде е предвидено да се изгради пристапен пат, видиковци, пешачка патека и паркинг простор.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Се изготвува проектната документација за уредување на Белчишкото Блато, познато под името „Сини вирови“. Овој локалитет, сместен во недопрената природа крие многу тајни за животот на планетата од пред многу милиони години. За убавините со кои располага ова мистично парче природа кое воодушевува, многу малку се знае. Овој природен локалитет има големи туристички потенцијали, кои може да се валоризираат само доколку целосно се зачува и се стави во функција на одржлив развој, на што моментално работи Игор Трајкоски, градоначалник на Дебрца.

„Значи пристапен пат кој што ќе ги поврзува селата Белчишта и Ново Село, значи околу блатото во должина од 5 километри, потоа ќе се изградат видиковци покрај самиот пат, ќе се навлезе во самото блато со изградба на дрвена пешачка патека во должина од 1 километар, исто така е предвидено изградба на паркинг простор на самите извори“ – вели Трајкоски.

Уредувањето на Белчишкото Блато ќе се прави со средства обезбедени од Европските фондови во висина од 50 милиони денари, вели Трајкоски. Додаде дека наредниов период, односно до 31 март, бидејќи имале повик од страна на ЕУ за погранична соработка со Грција, ќе аплицираат со овој проект и се надева дека ќе бидат одобрени средства за уредување на локалитетот „Сини Вирови“.

„Во моментов доаѓаат туристи во село Белчишта и во другите села претежно холанѓаните, организирани во групи, меѓутоа не можат да стигнат до самото блато бидејќи теренот е малку отпатен и не е уреден. Практично со ова даваме нова содржина со која што ќе можат туристите да ги посетат не само манастирите, туку и другите знаменитости вклучувајќи го и ова блато“ – нагласи Трајкоски.

Сите проекти кои се реализираат во општина Дебрца се за подобрување на квалитетот на животот во руралните средини, но и развој на туризмот, како што нагласи Трајкоски.
Инаку, Белчишкото Блато се наоѓа на неполни три километри од магистралниот пат Охрид–Скопје. Станува збор за природен резерват кој се протега на површина од околу 3 km2, изобилува со вода која извира од повеќе страни, формирајќи потоци и мали реки кои циркулираат низ целата површина на блатото, создавајќи голем број езерца со карактеристична модро–сина боја, поради што и локалитетот го добил името „Сини вирови“. Езерцата изобилуваат со риба, а опкружени се со влажни ливади и шума кои се составен дел од овој каллив еко–систем, еден од најголемите сочувани во Македонија.