Боинг 737 во сопственост на компанијата FlyDubai на пат од Дубаи се урна при слетување на аеродромот во Ростов на Дон во јужна Русија.
Во падот на авионот загинале сите 55 патници и седум членови на екипажот, а како што јавува BBC, авионот се урнал при обидот за слетување и ја промашил пистата.
До несреќата дошло во 15.50 минути по локално време. Сеуште не е јасно што ја предизвикало несреќата, меѓутоа како фактори се разгледуваат лошата видливост и силниот ветар. Авионот по првото неуспешно слетување два часа кружел пред вториот обид кој завршил трагично.
Меѓу загинатите патници биле 44 Руси, осум Украинци, двајца Индијци и еден Узбекистанец. Само еден член од екипажот не бил Русин, а загинале и четири деца.
Спрема снимките од надзорните камери се гледа силна експлозија, а авионот се срушил на околу 250 метри пред почетокот на пистата.
“Правиме сѐ за да дојдеме до сите информации. Нашите мисли и молитви се со патниците и екипажот кои беа на авионот. Ќе направиме сѐ да им помогнеме на оние кои ги погоди оваа несреќа”, се вели во соопштението на FlyDubai.
Рускиот претседател Владимир Путин порачал дека помошта за семејствата на загинатите во несреќата е приоритет.