Охриѓанчињата од градинката Јасна Ристеска го поздравија доаѓањето на пролетта
Охриѓанчињата од градинката Јасна Ристеска го поздравија доаѓањето на пролетта.
Со весела песна и игра над 500 охриѓанчиња го поздравија доаѓањето на пролетта. На првиот пролетен ден децата од градинката Јасна Ристеска облечени во пригодни маски.
На градскиот плоштад се чуствуваше радоста и раздвиженоста која доаѓа со пролетта. Програмата ја следеа голем број родители, баби и дедовци, братчиња и сестричиња, кои уживаа како нивните најмили танцуваат и пеат, прикажувајќи што научиле од своите наставнички во градинките каде што престојуваат. На манифестацијата учествуваа дечиња на возраст од 4 до 6 години, истакна Роза Костоска директор на градинката Јасна Ристеска.
„ Како што гледате сите се облечени, украсени со пролетни елементи кои ја означуваат пролетта. На тој начин тие учат што е пролет, како се буди природата, растенијата, животните, инсектите и сето она што го научиле, што го работат преку годината на оваа тема, го презентираат преку музичко- ритмички точки со соодветна содржина“, вели Костоска.
На градскиот плоштад беше присустен и заменик градоначалникот Ангел Јанев. Тој истакна дека убавиот сончев пролетен ден и веселиот детски жагор се убав предзнак за претстојната сезона.
„ Јас имам претчуство дека овој настан е прекрасен вовед во една сончева, побогата, корисна туристичка и хуманитарна сезона“, истакна Јанев.
Манифестацијата која денес беше традиционално одржана на првиот пролетен ден имаше и хумана димензија. Се донираа средства за лекување на малиот Кирил. Собраните средства денес ќе бидат уплатени на неговата жиро сметка заедно со средствата од хуманитарниот хепенинг организиран на 8-ми Март.