Skip to main content

Пораката од „Сердарот“ и тежината на златниот венец на ловороносецот

Поемата „Сердарот“ не е само некоја селска приказна за качаци и зулумќари, таа не е само некоја платонска судбина на љубовна приказна, ниту пак цена која се наплатила за Златниот Ловоров венец на годината распишан на конкурсот во Атина. Таа е многу повеќе, односно според истакнатиот професор д-р Никола Бошале, тука има моменти што водат кон Универзитетот на Св Климент.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Литературна средба, Пораката од „Сердарот“ и тежината на златниот венец на ловороносецот. Оваа несекојдневна дружба со истакнатиот професор д-р Никола Бошале, се одржа во Прличевата одаја на НУ „Библиотека“. Генерално досега не се појавил автор во Охрид, кој ги собрал на едно место легендите и преданијата за Прличев, а мојот труд во кој изнесов три легенди кои ги пронајдов, нека биде појдовна точка понатаму за идните автори, кои се занимаваат со ликот и делото на големиот поет“, истакна Бошале во неговото впечатливо излагање.

„Еден од мотивите што сум тука е да регрутирам коавтори на легендите и преданијата низ кои се точела историјата на градот. Тие се приказни кои се вртеле во умот на човекот низ многу векови. Илија Поп Стефанија лани околу новогодишните празници ме посети дома и на заминување ми кажа една реченица, „мајката на Браќата Миладиновци била ќерка на Никола Поп Стефанија од Охрид“.

Д-р Бошале издвојувајќи ја мислата на академик Ѓорѓи Старделов која се поткрепува на она што го изнел авторот Блаже Конески, појаснува дека, за да се разбере подобро делото на Прличев, треба да се направи една парабола со делото на Свети Климент.

„Ситуацијата не се изменала, се останува исто и во прилог на тоа го цитирам Прличев: Охрид беше мрак и дојде Св Климент со книгите и почна да учи и одеднаш мракот го снема се појави светлина“.

Проф. Бошале во своето излагање нагласи дека Прличев скоро целиот свој живот бил учител, а неговото дело останало непубликувано иако во Охрид постои Институт по педагогија. Творбите на Григор сеуште биле растурени по роднини и пријатели, по градови во кои работел, по држави во кои помалку или повеќе боравел, што во извесна смисла ги отргнувало истражувачите да зборуваат за Прличев и неговото дело. И не само тоа Бошале нагласи дека обновената куќа на Прличев била сеуште од некои други времиња и никогаш не прераснала во студиски центар.