Дали во Охрид има доволно бесплатни паркинзи?
Иако има одреден број паркинзи каде што паркирањето е бесплатно, сепак станува збор за локации кои се движат кон периферијата на градот, а подалеку од централното градско подрачје.
Паркинзите вечна тема за охриѓани. Особено вниманието го привлекуваат оние бесплатните каде охриѓани може да паркираат без надомест, под услов да најдат слободно место. Бесплатен паркинг пред основното училиште „Братство Единство“ кај Крст Џамија, по должината на улицата „7ми Ноември“ до автобуската станица од едната страна, потоа едната страна од улицата „Јане Сандански“, дел од „Македонски Просветители“ пред полицијата како и дел од булеварот „Туристичка“.
Ова се локациите каде охриѓани може бесплатно да паркираат иако потврда за тоа не добивме од локалната самоуправа која со одлука на советот одлучува кои паркинзи ќе останат слободни, а кои ќе одат во владение на ЈП „Билјанини Извори“ кое стопанисува со паркинг просторите во градов. Од таму како информација добивме само неколку одлуки со кои општината му отстапува паркинг простор на ЈП „Билјанини Извори“ кое стопанисува со паркинзите во градов. Во ниту една од одлуките секако дека не пишува каде конкретно паркирањето е бесплатно. Безразлика на локациите, ги запрашавме охриѓани дали тие сметаат дека во градов има доволен број на бесплатни паркинзи.
“Нема, нема. Поготово во центар нема никако, паркинг нема.”
“Не да сметам туку таа е вистината. Во центаров нема, еве гледате, нема каде.”
“Не. Нема доволно…Тука во центарот, централното подрачје.”
“Не. Нема бесплатни воопшто, и треба да има, жалосно е ова што се случува.”
Во делот на оние паркинзи каде се наплатува, побаравме информации од ЈП „Билјанини Извори“ каков ефект бил остварен во текот на изминатава година. Од „Билјанини Извори“ со одговор дека од вкупниот број на паркинзи со кои располагаат и тоа 20 на територијата на општина Охрид со вкупен број од 320 паркинг места за 2015та оствариле приходи од 14.389.463 денари или околу 230 илјади евра. Според информациите од ова јавно претпријатие, најпрофитабилни се покажале паркиралиштата во централното градско подрачје на булеварот „Македонски просветители“ и „Кеј Македонија“. Еден од паркинзите кои претходно важеа за бесплатни е и паркингот на полигонот за мали спортови. Од „Билјанини Извори“ информираат дека за овој паркинг е склучен договор со ГП „Гранит“ АД Скопје кои фигурираат како сопственици на просторот и дека истиот служи за паркирање на автобуси, иако нашата камера не регистрираше ниту еден паркиран автобус.