Секој четврток бесплатни филмски проекции во Филмската академија во Охрид
Големиот фонд на филмови кои академијата ги користи во образовниот процес од холивудски блокбастери, оскаровци, европски, кратки филмови одсега ќе бидат достапни за сите граѓани на Охрид.
Охридската филмска академија отворена за граѓаните. Секој четврток со почеток од 20 часот тие организираат бесплатни филмски проекции од богатата дигитална датотека на филмови кои ги поседуваат. Со ова, охриѓани ќе можат да погледнат некои од најдобрите холивудски класици, блокбастери, оскаровци, европски, уметнички, како и кратки па и студентски филмови сосема бесплатно.
„Се набави еден одличен можеби и најдобар филмски проектор во Македонија досега што сме го имале со 4К излез, и се набави платно кое е некаде 6 на 9 метри долго кое е монтирано на ѕид и кое се спушта и крева по потреба. Исто обезбедивме сараунд систем кој е покриен со некаде 11 звучници, сабвуфери, медиа приемници.“-вели Зоран Велјаноски-Летра, директор на настава и наука во Филмската академија.
Велјаноски вели дека освен тоа што охриѓани ќе може да погледнат бесплатно квалитетен филм, ќе имаат можност во зависност од тоа кој филм се прикажува и да сретнат дел од нивните создавачи.
„Често прикажуваме филмови од автори каде што учествувале нашите професори па после филмската проекција можат граѓаните да му постават и прашање дали на некој актер што е присутен, на продуцент, режисер, сценарист, и да им објасни како бил сниман филмот и слично. Проекциите за студентите одат понеделник, среда и петок, а за граѓаните на Охрид и сите заинтересирани отворени се вратите на нашата академија од 20 часот до завршувањето на овој семестар тоа ќе биде некаде почетокот на јуни месец.“-рече тој.
Освен бесплатните филмски проекции за охриѓани, Велјаноски вели дека како една благодарност за поддршката од локалната самоуправа, тие ќе прикажуваат и бројни анимирани филмови за најмалите, дечињата од градинка. Оваа практика, Велјаноски вели дека ќе продолжи и во иднина како би се всадила љубовта кон филмот уште од мали нозе. Инаку проекциите на филмовите се одржуваат во прилагодената кино сала односно амфитеатарот во просториите на Универзитетот „Св.Апостол Павле“ каде е сместена и Филмската академија.