Skip to main content

Тајните на Охрид: Галебот

Езерскиот галеб или речен галеб (науч. Chroicocephalus ridibundus) е мал галеб кој се гнезди во поголем дел од Европа и Азија, како и во крајбрежниот дел на источна Канада. Погледнете ја неговата убавина на брегот на езерото, фатена од објективот на Ѓоко Симјаноски.

галеб

Езерскиот галеб или речен галеб (науч. Chroicocephalus ridibundus) е мал галеб кој се гнезди во поголем дел од Европа и Азија, како и во крајбрежниот дел на источна Канада. Погледнете ја неговата убавина на брегот на езерото, фатена од објективот на Ѓоко Симјаноски.

Поголем дел од популациите се преселнички, зимуваат далеку на југ, но некои птици во поблагите западни области на Европа се станарки. Како и со повеќето други галеби, претходно овој вид бил сместуван во родот Larus.

Овој галеб е долг 38-44 cm и има распон на крилјата од 94-105 cm. Во сезоната на парење главатa и вратот на птицата се чоколаднокафеави, темето и стомакот се бели, врвовите на пердувите за летање се црни, а останатите делови од телото се сиви. Вон сезоната на парење, главата е бела, со 2 мали кафени точки кај очите.

Речниот галеб живее во големи јата и густи колонии составени од илјадници парови, често и со други видови галеби. Останува во колонијата и за време на размножувањето. Тогаш бара места крај мочуришта и езера со богата водна растителност. Останатото време го минува во депонии, рибници, канали и сл. Сака плитки, мирни води и влажни места. Овие галеби, како и другите, јадат сè. Водни и сувоземни инсекти, риби, црви, мекотели, ракови, глодари, а понекогаш и семиња. Јадат остатоци од храната на луѓето.

Гнездата им се грубо изградени и поставени директно на земја, послани со суви гранки. Ако се блиску до вода тогаш се конусни или поставени на повискоко за да не се намократ. Женката несе 2-4 маслинестокафеави јајца, испрскани со сиви и црно-кафени точки. Ги инкубираат и двата родитела во период од 22 до 24 дена. Малечките ги хранат со полусварена храна. По десетина дена малечките првпат излегуваат од гнездото.