Охридскиот актер и режисер Благој Кичеец денес го слави 90-от роденден
Охридскиот актер и режисер Благој Кичеец денес го слави 90-от роденден.
Благој Кичеец , поранешен актер и режисер од првиот професионален охридски театар, денес го слави 90-от роденден. Кичеец е еден од повозрасните професионални охридски актери од минатиот век. Роден е во Охрид на 30 март 1926 година, во Месокастро, во занаетчиско касапско семејство. Кичеец раскажува за неговите посети на патувачките театри кои доѓале во Охрид во 30-те години од минатиот век и како се родила неговата љубов кон театарот.
„Честопати одев со татко ми на претставите на разни патувачки театри, меѓу кои Бибобо, Петре Прличко тогаш се викаше Перица Николиќ и други. Одевме на претстави во Ориент, тогаш се викаше Велика Србија, во хотелот на Радич на Плоштад. Татко ми ме носеше на претставите и го засакав театарот“, раскажува Кичеец.
Неговите актерски почетоци најпрво биле со учество во претстави во охридската гиманзија. По војната бил дел од драмската секција во војска. За подоцна серизоно да заплива во театрските води во 1949 година со формирањето на првиот професионален театар со останати 14 мина актери. Кичеец раскажува за првата претстава Кир Јања во театарот каде што денес се наоѓа Галеријата на икони. Во тоа повоено време тие не биле образовани актери, но биле ентузијасти и вредни, напорно учеле и подготвувале претстави. Имавме публика само каква што може да се посака, раскажува за тие времеиња Кичеец. На претставите кои ги дававме празно столче скоро и да немаше, а се прикажуваа претставите Антица, Покондирена тиква, Сомнително лице, Измама, Поп Киро и поп Спиро, Кир Јања, Холивуд, па дури и Зона Замфирова одиграна на врањански дијалект, вели пораншениот актер и режисер.
„Највредни и најплоден ни беше периодот од 1952 до 1954 година. За 5 години дадовме 21 премиера. Тоа беше рекорд, а не беа само театарските претстави. Учествуваме и на весела вечер, секој четврток ,преку разгласна станица изведуваме разни скечеви, пеевме стихови со комична содржина ги забавувавме гостите“, раскажува Кичеец.
По пет години постоење властите носат одлука охридскиот професионален театар да го затворат. Оваа одлука ги погаѓа не само охридските актери туку и публиката, си приспомнува Кичеец.
„Тешко.Две години абдициравме не сакавме да учествуваме во претстави ама мастиксот не можевме да го заборавиме и љубовта кон театарот. Повеќето актери се преориентиравме во аматерскиот театар во Домот на културата“, раскажува Кичеец.
Покрај името на актерот и режисер Благој Кичеец во историјата на градот засекогаш ќе останат запишани имињата и на останатите професионални актери од периодот 1949-55 година меѓу кои Ѓоре Бочев, Никола Христовски, Насте Малезаноски , Марика Котели Малезанова, Наум Тунтев, Љуба Дукиќ Христова, Наум Мандуловски, Маре Блажева Мандулоска, Правда Иилиќ, Радмила Златковиќ Богдановска , Стојан Милошевски,Љубица Камберска Котушева, Лазо Арсовски и Јован Кокалоски.