Skip to main content

СДСМ: Бакрачески во својот мандат, се што ветил не исполнил

Охриѓани треба да знаат дека градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, потроши 300 000 илјади евра само за 2 кружни текови, откри координаторот на советничката група на СДСМ Јован Стојаноски, на денешната прес конференција. Тој упати и критика за како што рече недомаќинското и неодговорно работење на градоначалникот кој во својот мандат ништо не исполнил од ветените капитални проекти.

 |  Николоска Биљана  | 

Кружниот тек на пресекот на ул „Бистрица“ со Бул. Туристичка, чини близу 100 000 евра, а оној кај Охридска банка 200 000 евра, открива координаторот на охридските социјал-демократи Јован Стојаноски. Тој истакна дека за кружните текови нема сообраќајна студија ниту пак елаборат за сообраќајна издржливост, додавајќи дека граѓаните биле сведоци колку лошо биле направени последните два кружни текови.

„Малку им е на господата од ДПМНЕ што не знаат да заработуваат од исплатливи проекти, па уште се дрзнуваат дополнително да ги задолжуваат граѓаните на општина Охрид, со кредити од Светска банка во износ од 2 милиони евра. Барем да се задолжуваме како граѓани за капитални проекти, кои ќе овозможат и враќање на кредитите. Ама не, во нивни стил, парите се потрошени за кружни текови, кои, како да ни беа најпотребното нешто“.

Стојаноски посочи дека се повеќе до израз доаѓа недомаќинското и неодговорно работење на градоначалникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Бакрачески, кој, од се што во својот мандат ветил, ништо не исполнил.

„Го нема ветениот Дом за стари лица, нема затворен Градски пазар, нема откупно-дистрибутивен центар за земјоделски производи, нема индустриска зона во Мауцхер. Индустриската зона Охрид – Струга, која спектакуларно беше отворена од Никола Груевски плива во вода. Нема нити домашни нити странски инвестиции во Охрид“.

На прес конференцијата Стојаноски јавно запраша: Зошто Општина Охрид не стопанисува со проектот за модернизација, проширување и одржување на системот за јавното осветлување, од кој требаше да заработува 5 милиони евра, а Груевски и Бакрачески го препуштиле на сомнителна приватна компанија. И која е таа компанија и чии бизнис интереси се штитат преку неа? Стојаноски истакна и дека наспроти се ова што се случува во градот, охридските социјалдемократи ќе понудат реална програма и план за решавање на проблемите на граѓаните. Тој нагласи дека на Охрид му се потребни промени, кои ќе се случат на следните фер и демократски избори, со програма на чесна, домаќинска и одговорна политика за народот.