АЈДЕ Македонија со акција за чистење во Охрид
Од Ајде Македонија очекуваат масовност и на оваа акција која не само што ќе придонесе за животната средина, туку ќе им даде можност и на охриѓани да направат нешто корисно за нивната заедница, а притоа и добро да прошетаат.
АЈДЕ Македонија со нова акција за чистење во Охрид. Оваа ќе биде еден вид на промотивна акција за онаа традиционалната која се случува секој октомври, а во Охрид ќе се чисти на два потези. Дел од граѓаните и граѓанските организации кои ќе земат учество во оваа акција, ќе чистат на потегот од бензиската кај „Билјанини Извори“ па се до Св.Стефан, додека другата група ќе чисти на потегот од Здружението на возачи на излезот од Охрид па се до Подмоље.
„Тоа е можност за граѓаните и да си направат една убава прошетка, нивните деца да ги научат на здрави навики, една одговорност кон сопственото општество и кон заедницата, и во оваа акција ќе бидат приклучени голем број на организации, на пример Црвен крст-Охрид, Здружението Грашница, од Чист Охрид ќе дојдат, Опција Охрид значи повеќе организации се исто и извидниците. Така што очекуваме освен овие организации, да се приклучат и граѓаните, за што имаме и најави, и очекуваме овој убав ден да се одбележи, да покажеме дека Охрид е еден наш природен бисер и треба да си го негуваме и да си биде тоа што е, едно од најубавите места во Македонија.“-вели Извршниот директор на „АЈДЕ Македонија“, Блаже Јосифовски.
Јосифовски вели дека се исклучително задоволни од изминатите акции за чистење низ целата држава. Се пофали со бројки од 20тина илјади луѓе кои учествувале минатата година, од кои половината се млади до 28 години. Голема помош од минатата година им е и апликацијата за смартфон која беше промовирана за претходната акција, а благодарение на која биле мапирани голем број на локации за чистење.
„Таа апликација ни помогна многу за претходната акција бидејќи беа мапирани над 300 локации од кои 200 локации кои ги чистевме токму минатата година беа определени од оваа апликација во координација со општините, така што таа апликација е планирано во наредниот период да ја надоградуваме бидејќи таа беше пилот пуштена за да видиме како ќе функционира и сега кога гледаме дека одлично функционира таа само понатаму ќе се зголемува и ќе им овозможи поголеми можности на граѓаните и цел тој систем бидејќи може и преку нашата веб страна да мапира, ќе биде еден успешен систем за граѓаните постојано да ги пријавуваат тие нелегални диви депонии низ земјата.“-рече Јосифовски.
Наредната традиционална акција која ќе се случи во октомври претставува петгодишен јубилеј за „АЈДЕ Македонија“, а акцијата која ќе ја имаат на 10ти април ќе претставува еден вид промоција и најава за нивната јубилејна акција. Инаку освен во Охрид, „АЈДЕ Македонија“ паралелно ќе организира акции за чистење и во Маврово и Матка исто така на 10ти април, сите со почеток од 10 часот.