Училишен турнир во фудбал за основците од охридските училишта
Денес тие разигруваа по групи на теренот со вештачка трева, додека утре ќе играат за пласман.
Деведесетина деца од охридските основни училишта од шестите и седмите одделенија денес ги одиграа првите натпревари од турнир во фудбал на теренот со вештачка трева. Осум екипи, по една од секое основно училиште се поделени во две групи со по четири екипи.
„Играме во два дена, се игра првиот ден разврска по групи, а вториот ден играме за пласман од 1во до 8мо место. Вклучени се популација на деца од 6то до 7мо одделение, оние екипи кои што претходно имаа искуство со игра на спортскиот ден во Велгошти. Истите тие екипи сега се надоградуваме и играме голем фудбал за разлика од претходниот пат кога се играше футсал.“-вели Гоце Тасески од Сојузот на училишен спорт.
Тасески вели дека организирањето на ваквите турнири е навистина значајно за основците.
„Ова ни е потребно, односно потребно е за дечињата посебно од 6то и 7мо одделение, работиме до 9то одделение со истите екипи. Сведоци бевме минатата година дека екипа од Охрид беше учесник на малите олимписки игри во Скопје и оттаму се вративме со високото трето место, на ниво на Македонија и таа екипа беше воведена во фудбалската игра од 6то одделение со вакви турнири каде што на крај се покажа успешна формула и продолжуваме понатаму.“-рече Тасески.
Инаку денес се играа натпреварите по групи каде во групата А се соочија екипите на ОУ „Братство Единство“, „Св.Наум Охридски“ од Пештани, „Св.Климент Охридски“ и „Григор Прличев“, додека во Б групата разигруваа екипите од ОУ „Живко Чинго“, „Ванчо Николески“, „Кочо Рацин“ и „Христо Узунов“. Од групата А во полуфиналето ќе настапат екипите на ОУ „Григор Прличев“ и „Св.Наум Охридски“, додека од групата Б, екипите на ОУ „Христо Узунов“ и „Живко Чинго“. Овие четири екипи ќе се борат меѓусебно за првите три места, додека останатите екипи во плеј аутот ќе разигруваат за останатите места. Од ЈП „Билјанини Извори“ и локалната самоуправа обезбедени се пехари и дипломи за првите три места, како и благодарници за учество за останатите екипи.