Skip to main content

Пуштена во употреба ул. „Кирил и Методиј“

Сите оштетувања на улиците и потпорните ѕидови во стариот дел на градот, до почетокот на летната туристичка сезона ќе бидат реконструирани. Денес градоначалникот Никола Бакрачески, ја пушти во употреба реконструираната улица „Кирил и Методиј“ која е само дел од она што е планирано да се сработи во стар град.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Денес градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески ја означи реализацијата на првиот дел од проектот за реконструкција на улиците и потпорните ѕидови во старото градско јадро . Во таа насока во употреба беше пуштена реконструираната ул „Кирил и Методи“. После 20 години, на дел од оваа улица, односно од огледалото до Горна Порта, на 450 метри легна нов асфалт, открива Бакрачески. Тој нагласи дека оваа реконструкција била предвидена со програмата на Секторот за комунален развој сообраќај и улици, на барање на жителите од овој дел и не застануваат тука.

„Веднаш потоа продолжуваме со реконструкција на останатите улички кои што децении наназад не се реконструирани, во стариот град, онака како што стручните служби на Секторот во изминатите месеци ги евидентираа заедно со локалното население, Месната заедница „Стар град“ односно Варош, Кошишта, Месокастро“ – изјави Бакрачески.

Голема благодарност за ангажманот на општина Охрид и досега преземените дејствија за реконструкција на делови од стариот град, а посебно до градоначалникот Бакрачески, упати претседателот на урбаната заедница „Стар Град“, Горан Патчев.

„Тоа е од големо значење не само за жителите и за останатите граѓани туку и за туристите кои доаѓаат во овој дел и секако за промоција на културното наследство кое го имаме во стариот дел од градот Охрид“ – истакна Патчев.

Финансиската констурукција на проектот за реконструкција на сите оштетувања на улиците и потпорните ѕидови во стариот дел на градот е 2 400 000 денари а изведувач на работите е АД „Илинден“ од Струга. Инаку, во изминатиот период во стариот дел на градот се изведоа неколку реконструктивни зафати и тоа уредување на просторот пред Црквата „Св Софија“, паркингот кај Долни Сарај, се реконструираа неколку потпорни ѕидови кон плажите Потпеш и Канео, се реконструираше дел од ул „Кузман Капидан“, односно потпорните ѕидови кај црквата „Св Богородица Пандонос“. Градоначалникот убедува дека зафатите за сите оштетувања на улиците и потпорните ѕидови во Варош, до почетокот на летната туристичка сезона ќе бидат завршени.