Пред големото Ел Класико кој е подобар Роналдо или Меси?
Статистика не е исклучок ниту пред вечерашниот Ел Класико кој започнува во 20.30 на Ноу Камп.

Откако пристигна Кристијано Роналдо во 2009 во Реал Мадрид, ривалството на двајцата најдобри фудбалери на светот добија нова димензија, а бројките се најинтересни пред нивниот меѓусебен дуел. Секако тоа не е исклучок ниту вечерашниот Ел Класико кој започнува во 20.30 на Ноу Камп.
Секако, во споредбите помеѓу Роналдо и Лионел Меси најмногу коментари има во шпанските медиуми. Во најавата на AS има статистика за Ел Класико од таа 2009 година и доаѓањето на Роналдо во Реал Мадрид. Португалецот и Аргентинецот од тогаш настапиле во вкупно 24 големи дербија (Примера, Куп на кралот и Лигата на шампиони), а двајцата постигнале по 15 голови. Но, тука застанува еднаквоста во Ел Класико.
Имено, Меси има на контото и 10 асистенции, а Роналдо само две. И едниот и другиот постигнале повеќе голови во гости, но и тука е Меси поуспешен со 10 голови на Сантијаго Бернабеу спрема 9 од Роналдо на Ноу Камп.
Меси имал и двојно повеќе причина за прослава. Во тие 24 дуели Барселона победила во 12 наврати, а Реал во 6, додека 6 натпревари завршиле со нерешен исход.
Прилика за поправање на скорот Роналдо го има вечерва, но на другата страна е чудесното трио Меси-Суарез-Неимар.
Пред нешто повеќе од четири месеци Барселона го понижи Реал во Мадрид, а вечерва ќе се види дали Кралскиот клуб ќе се реваншира или ќе видиме уште еден триумф на Барселона.







