Градоначалникот Бакрачески со отчет за сработеното во изминатите три години
Меѓу другото, Бакрачески ги истакна проектите од инфраструктурата, асфалтирањето на улици и патишта, уличното осветлување, вложените средства во образованието и социјалата.
Отчет за реализираното во трите години од мандатот на градоначалникот Никола Бакрачески. Денес беше промовирано печатено издание со сработените проекти на локалната на околу 200 страници. Во отчетот се поместени зафатите на локалната од асфалтирање на улици и патишта, изградба и реконструкција на плоштади и пешачки рекреативни зони, до изградба на кружни текови. Меѓу другите, во своето обраќање, градоначалникот Бакрачески ги спомена асфалтираните и реконструирани улици „Питу Гули“, „Илија Смически“ во Лескоец, „Миќа Гилиќ“, „Сатеска“ и „Трајче Трајчески“, патните правци Елешец-Елшани, Охрид-Велестово и Вапила-Ливоишта.
„Почитувани, во инфраструктурни проекти вложивме 179 милиони 166 илјади и 332 денари во реконструкција, санација и одржување на улици, со вкупна асфалтирана површина од 130.860 метри квадратни. Изградивме нови линии за атмосферска и фекална канализација во должина од 12.570 метри, во вредност од 89 милиони 681 илјада и 970 денари. Завршени се сите административни формалности и наскоро ќе отпочнат со изградба трите големи проекти од суштинско значење за животот во Охрид– затворен пазар, нова автобуска станица, и дом за стари лица.“-вели градоначалникот Никола Бакрачески.
Според градоначалникот Бакрачески, проектот за модернизација на јавното осветлување на територијата на Охрид е меѓу најзначајните коишто охридската локална самоуправа ги реализирала во 2015 година.
„Согласно договорот за јавно -приватно партнерство помеѓу Општина Охрид и чешката фирма „ИЦС Системи“, на територијата на Општина Охрид поставени се 7872 улични лед светилки, а во стариот дел на градот 461 автентични фенери, нешто што ги оживеа убавите спомени на Охрид од минатото, а скро сите позначајни културно – историски знаменитости добија нова современа илуминација. На неколку зони во градот е поставена дополнителна нова мрежа на улично осветлување која е дел од 620-те сијалични места кои ги обезбедивме со договорот. Вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува над 3.506.000 евра и инвестицијата ќе се зголемува во иднина.“-рече тој.
Бакрачески ги спомена проектите од образованието во кои биле вложени скоро 30 милиони денари, како и 13 милиони денари во делот на социјалата. Субвенции за социјалните случаи, стипендии за талентираните ученици и студенти. Како особено значајни, Бакрачески ги истакна и 35те проекти на Секторот за туризам и локален економски развој со вкупна вредност од 1 милион 29 илјади и 204 евра. Во насока на туризмот, Бакрачески потенцираше дека огромен удел има и субвенционирањето на авиолетовите до Охрид со воспоставување на линиите Охрид-Лондон, Охрид-Базел, како и најавената нова линија Охрид-Белград.
Неизбежни за градоначалникот Бакрачески се и вложувањата во спортот, спортската инфраструктура и клубови во вкупна висина од 12 милиони 876 илјади и 400 денари со кои според Бакрачески спортот во Охрид доживеал вистинска ренесанса. Тој додаде дека едно од најгорливите прашања за општината, наследениот долг, за три години успеале да го намалат за повеќе од 9 милиони евра или 567 милиони денари или вкупно исплатени достасани обврски од скоро 14 милиони евра или 843.084.368 денари. Бакрачески порача дека тука не застануваат, туку дека и понатаму ќе продолжат со несмален интензитет, посветеност и ентузијазам во работата.