Skip to main content

Минимални победи на Барселона и Баерн во првите четвртфинални средби од Лигата на шампиони

Возвратните средби се на 13 април во Мадрид и Лисабон

 |  инфодеск  | 

Барселона на Ноу Камп го победи Атлетико Мадрид со 2-1 откако еден час имаше играч повеќе, додека Баерн против Бенфика славеше со 1-0. Возвратните средби се на 13 април во Мадрид и Лисабон.

Атлетико поведе во 25 минута со голот на Фернандо Торес, но десет минути подоцна е исклучен поради вториот жолт картон. Во продолжението на средбата Каталонците успеаа да го свртат резултатот со головите на Луис Суарез (63 и 74 минута). Освен црвениот картон, германскиот судија Брих во цврст и нервозен натпревар покажа уште осум жолти картони.

Барселона деветта сезона по ред игра во четвртфиналето на Лигата на шампиони, а во последните осум испадна само еднаш и тоа токму од Атлетико Мадрид пред две сезони. Атлетико пак е трета сезона по ред во осумте најдобри, а интересно е тоа што сите три пати противници им се клубови од Примера. Минатата година испаднаа од Реал Мадрид, а пред две сезони славеа против Барселона. Како ќе заврши третиот пат сеуште е отворено прашање кое ќе го дознаеме идната среда.

Баерн до победата против Бенфика дојде со голот на Артуро Видал во 2 минута. Баварците дојдоа до очекуваната победа, но минимално, па така португалскиот состав сеуште има шанси за понатаму. Баварците доминираа за време на целиот натпревар, кој воопшто не беше спектакуларен, дури и со премалку прилики за гол бидејќи Бенфика се покажа како цврст состав.

Денес на распоредот се две средби, а се среќаваат Волфсбург – Реал Мадрид и ПСЖ – Манчестер Сити. Возвратните дуели се идната недела, а во вторник ќе играат Реал Мадрид – Волфсбург и Манчестер Сити – ПСЖ, а ден подоцна Бенфика – Баерн и Атлетико – Барселона.