Живот помеѓу вечните Париз и Охрид
Живот помеѓу центарот на модата Париз и балканскиот бисер-нашиот Охрид. Ова е изборот во кој за Тамара Филчоски, родена французинка, а македонска невеста, победник е токму Охрид. Во Македонија за неа животот е релаксиран и луѓето имаат време за се. А токму во нашиот град, во ОУ „Христо Узунов“ денес беа одбележани деновите на франкофонијата.
Ова е Тамара Филчоски…родум од Франција, од престолнината на модата и Ајфеловата кула-Париз. Патот ја донесол во Охрид благодарение на љубовта кон сега веќе нејзиниот сопруг кој е охриѓанец. Иако на почетокот живееле во Париз, откако Тамара се запознала со Охрид и Македонија почнале се почесто и почесто да доаѓаат на одмор во нашиот град. Доаѓале секое лето, шетале до Св.Наум со брод, по плажите. Вели дека македонците ги смета за исклучително гостопримлив народ, со прекрасна кујна од која омилени и се полнетите пиперки и тавче-гравче, салатите, а откако дошла во Охрид, научила и што се тоа зимници, а сега вели дека веќе знае и самата да ги приготвува. Тамара вели дека има голема разлика помеѓу начинот на кој се живее во Охрид и во Париз, но најголема разлика според неа е темпото на живот.
„Кога ни се родија двете ќерки, одлучивме да се вратиме овде затоа што животот е порелаксиран. Париз е голем град, има многу тензија, многу работа, многу е поразлично отколку овде. Така одлучивме да се вратиме овде, и кога нашите деца почнаа на училиште во Охрид, тогаш веќе дефинитивно одлучивме да живееме во Охрид. Најголема разлика е темпото на животот. Таму само се трча, се излегува дење, се враќаш доцна навечер дома, тука народот може и да оди наработа, тука е градот, се е блиску, тоа многу значи“– вели Тамара.
Денес во ОУ „Христо Узунов“ со танц, читање стихови на француски јазик, учениците од ова училиште петта година со ред ги одбележаа деновите на франкофонијата, движење под кое се обединуваат голем број на земји од целиот свет.
„На мое големо задоволство драго ми е што сме носители на ширењето на франкофонијата во Охрид, можеби и во регионот. Во иднина имаме планови да го посетиме и Францускиот културен центар, со наши ученици, што поблиску да бидат нашите ученици до францускиот јазик. Знаеме дека францускиот јазик е еден од позначајните во светски рамки, опфаќа поголем опсег на зборување така да сметам дека ова не смее да престане во нашето училиште туку треба да се движи и понатака.“-кажа Тони Симоноски, Директор на ОУ „Христо Узунов“
Францускиот јазик се изучува токму во ОУ „Христо Узунов“. Според професорката Билјана Трајкоска, децата навистина со голема желба му се посветуваат.
„Малку потежок за разлика од англискиот на кој децата се научени, и кој повеќе го среќаваат, но еве се докажува дека нашите млади франкофони успешно го изучуваат и го сакаат францускиот јазик. Секоја година правиме нешто, организираме, многу често имаме наши нумери на патронатот, од франкофонијата. Сега засега јас сум задоволна од нивното изучување, и учениците исто така.“-вели Трајкоска.
Марија Николова, координатор за франкофонија при Министерството за образование и наука вели дека меѓународната организација на франкофонијата е една од најбројните организации во светот која по бројот на членки е веднаш зад Обединетите нации. Токму на тој начин помош во организирање на настаните по повод деновите на франкофонијата добива и Македонија.
„Една соработка од која произлегуваат многу проекти, имаме редовни годишни регионални обуки, бидејќи во рамки на франкофонијата од 2005та се формира и регионален франкофонски центар во Софија. Благодарение на тоа подостапни ни се сите тие проекти од Меѓународната организација за франкофонија. Од пред две три години веќе почнавме на национално ниво веќе почнавме да држиме обуки и за наставниот кадар кои ни се поддржани од франкофонијата.Имаме многу други активности и манифестации со кои што се анимираат учениците, се анимира интересот кај помладата популација за францускиот јазик и франкофонската култура.“- вели Николова.
Инаку денес во ОУ „Христо Узунов“ беше приготвена приредба од дечињата млади франкофони на која се рецитираа песни на француски јазик напишани од нивна страна, имаше и подговени кореографии, а беа претставени и голем дел од земјите кои се дел од движењето на франкофони, меѓу кои секако и Македонија.