Граѓани се жалат дека на паркинзи од иста зона, плаќаат различна цена за паркирање
Според официјалниот ценовник на ЈП Билјанини Извори за првиот час паркинг во зона А се плаќа 30 денари, а секој нареден час чини 20 денари. Но има примери кога граѓани и за вториот или третиот час паркинг морале да ја платат повисоката цена.
Дали сеуште важи ценовникот за паркирање на ЈП „Билјанини Извори“ според кој за првиот час паркирање во зона А се плаќа 30 денари, а за наредниот час 20 денари?
Граѓани реагираа до нашата редакција прашувајќи зошто на паркинзи кои се наоѓаат во иста зона различно ги чини паркирањето. Тие велат дека се нашле во ситуација кога вработени на два паркинзи кои се наоѓаат во зона А, едниот на булеварот „Македонски просветители“ наспроти маркетот Тинекс, а другиот на „Кеј Македонија“ наспроти лаунџ барот Објектив за два часа паркинг им наплатиле 60 во едниот, 50 во другиот случај. На фискалните сметки кои тие ни ги доставија во описот на услугата на едно место стои паркинг 1 час-30 денари и следен час 20 денари што соодветствува со ценовникот на јавното претпријатие. На другата сметка пак наместо следен час, два пати стои паркинг 1 час-30 денари или вкупно за два часа паркирање, 60 денари.
За ваквиот случај стапивме во контакт со директорот на ЈП „Билјанини Извори“ Ристе Мишев. Тој побара прашањата да ги доставиме преку имејл. Во меѓувреме, неколку пати го контактиравме директорот Мишев околу доставените прашања на што само ни беше посочувано дека тој бил запознаен со нашиот допис.
Веќе осми ден откако прашањата беа официјално ипратени, до редакцијата на Телевизија ТВМ одговори не се пристигнати.
Јавноста остана покуса за одговори на прашањата по кои цени се наплаќа паркинг во зоните А и Б на кои се поделени паркинзите во Охрид, односно колку чини еден час паркирање во двете зони, а колку наредниот час, потоа во која зона спаѓаат двата споменати паркинзи на „Македонски просветители“ и на „Кеј Македонија“, дали сеуште важи ценовникот според кој за еден час паркинг во зона А се плаќа 30 денари, а наредниот час 20 денари, зошто на горенаведените паркинзи два часа паркинг чини различно, односно дали станува збор за промена на ценовникот по кој се наплаќа за што би била потребна и соодветна одлука на Советот на општина Охрид или станува збор за нешто друго, како и тоа дали до јавното претпријатие и претходно стигнувале вакви или слични поплаки и од други граѓани и на кои паркинзи. Овие неколку прашања на службениот имејл на ЈП „Билјанини Извори“ беа испратени на 31ви март 2016та година, односно пред недела дена.
Го повикуваме директорот на ова јавно претпријатие да даде објаснување за оваа состојба како не би се ставале во заблуда граѓаните на Охрид и корисниците на паркинзите во владение на ЈП „Билјанини Извори“.