Во општина Охрид поднесени 3178 барања за легализација на бесправно изградени објекти
Висок е процентот на барањата на граѓаните за легализација на бесправно изградени објекти Во Охрид. Со завршувањето на вториот рок за легализација, сите барања се процесуирани и се преминува кон нивно решавање. Оние кои барањето го поднесоа до крајот на март 2016та год имаат рок за докомплетирање на документацијата до декември 2017та.
3178 барања за легализација на бесправно изградени објекти се поднесени до 31 март кој беше последниот датум од вториот рок кој им го даде Владата на граѓаните. Барањата за легализација кои биле доставени до општината до 2011година изнесуваат 11 357 или вкупно во Општина Охрид се поднесени 14 535 барања за легализација на диво изградени објекти.
Оваа бројка покажува голем интерес на граѓаните за легализација на бесправно изградени објекти. Ако се споредат бројките до 2011год. и новите ќе се види дека се зголемени за 30%, вели Томе Џамтоски-портпарол на Локалната самоуправа.
Сите 11 357 барања за легализација на бесправно изградени објекти доставени во првиот рок се процесуирани, а колку од нив се завршени не може со точност да се каже бидејќи законот им дозволува на граѓаните да ја дополнат својата документација до крајот на декември оваа година. Оние пак барања кои се доствени до крајот на март оваа година имаат можност да бидат докомплетирани до декември 2017та год.
Општинската администрација навистина посветено работеше на сите предмети кои беа доставени за легализација на бесправно изградени објекти посебно на оние кои беа во рокот до 2011та год.Сите се процесуирани, а голем дел од нив се и решени, објаснува Џамтоски.
Во вториот рок за легализација на бесправно изградени објекти во Охрид најголем дел од подносителите на барањата се граѓани кои се иселени од градов, но кои имаат свој имот тука и кои го пропуштиле првиот рок. Ова е единствена можност имотите да им се легализираат, со тоа тие да стекнат право над нив, а и редовно да ги подмируваат обврските према државата.