Наместо мир, политичките помилувања прeдизвикаа масовни протести и контра протести
Судири меѓу полицијата и демонстрантите избија на вечерашните протести во знак на протест против одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да ги прекине сите кривични постапки против политичари од власта и опозицијата, кои се поврзани со политичката криза и прислушувањето, пренесува „Радио слободна Европа“.
Судири меѓу полицијата и демонстрантите избија на вечерашните протести во знак на протест против одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да ги прекине сите кривични постапки против политичари од власта и опозицијата, кои се поврзани со политичката криза и прислушувањето, пренесува „Радио слободна Европа“.
Демонстрантите ја демолираа Народната канцеларија на претседателот Иванов пред Рекорд, а потоа се обидоа да ги искршат и прозорците на Министерството за правда, што се наоѓа во непосредна близина на Канцеларијата на Иванов. По ова полицијата ја разби топлата при што повредени се неколку демонстранти, новинари и фоторепортери.
Претходно илјадниците демонстранти од пред Собранието се обидуваа да го продолжат протестот кон штабот на ВМРО-ДПМНЕ и фрлаат со лименки, петарди, вода и пластични шишиња кон полицијата која се обидуваше да ги спречи, по што тие се упатија кон седиштето на ВМРО-ДПМНЕ од спротивна насока. Во центарот на градот беа распоредени дополнителни специјални сили кои ги поттиснуваа демонстрантите.
„Оставка веднаш“, Мафија на робија“ и „Нема правда, нема мир“, извикуваа демонстранти претходно додека протестираа пред Собранието на Македонија против одлуката на претседателот Иванов да ги прекине сите истраги против политичари кои се поврзани со скандалот со прислушувањето и политичката криза.
Додека едните протестираа пред Канцеларијата на претседателот во Скопје, во исто време, друга група граѓани организирани од ГДОМ излегоа на контра-протести пред Собранието, незадоволни од тоа што Иванов аболицирал членови на опозицијата. Меѓутоа овие граѓани си заминаа од пред Собранието и се упатија да протестираат пред седиштето на СДСМ.
На стотина метри од демонстрантите кои беа пред Канцеларијата на Иванов се наоѓаше кордон од засилено полициско обезбедување со цел да спречат пресретнување на луѓето што протестираа пред Собранието.
Протестот на кој граѓаните побараа оставка од Иванов започна пред просториите на Специјалното обвинителство каде што тие отидоа за да ја поддржат работата на обвинителите.
Граѓаните велат дека бараат сите кои сториле криминал да одговараат за своите дела, а Иванов да престане да ја опструира работата на Специјалното обвинителство кое отвори неколку истраги за сериозни криминални дејствија. Протестите имаше и вчера по одлуката на Иванов колективно да помилува 56 луѓе меѓу кои високи поранешни и сегашни функционери од владејачката партија и опозицијата.
Во меѓувреме СДСМ денеска во Собранието поведе постапка за утврдување одговорност на претседателот Ѓорѓе Иванов по неговата вчерашна одлука да ги прекине сите кривични постапки против политичари што се поврзани со политичката криза и аферата прислушување. Тој вчера изврши државен удар и му зададен смртонесен удар на Договорот од Пржино, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугаревски.
Не стивнуваат и реакциите на претставниците на меѓународната заедница.
„Како пријател на Македонија, САД силно го повикуваат претседателот Иванов да ја преиспита својата одлука и да му дозволи на Специјалното јавно обвинителство, воспоставено како дел од Договорот од Пржино, да ги истражи сериозните обвинувања за злоупотреби на Владата и да им дозволи на судовите да си ја вршат својата работа“, наведе американскиот Стејт департмент во своето денешно соопштение.