Оливер Арсовски: Чест е да се биде прв човек на најпрестижниот фестивл
Ќе се обидам да имплементирам некои практики од Македонската опера и балет, истакна новоизбраниот директор на Националната Установа Охридско лето, Оливер Арсовски, при денешното негово прво официјално обраќање до јавноста. Селекторите на музичкиот и драмскиот дел остануваат, и чест е да се соработува со нив, кои долго време се дел од тимот на „Охридско лето“, дополна Арсовски.
Чест и привилегија е да се биде прв човек на најпрестижниот фестивл, истакна Оливер Арсовски, новиот директор на НУ „Охридско лето“, при неговото прво официјално обраќање во јавноста. Арсовски веќе една недела е на оваа функција и најави дека за десетина дена ќе биде презентирана програмата за овогодинешното издание на фестивалот. Тој исто така кажа дека ќе внесе мали измени и програмски новитети.
„Јас како музичар долги години, децении настапувам на Охридско лето и овој фестивал го сметам за најпрестижен не само во Македонија туку и во регионот и пошироко. Што се однесува до програмата, во најскоро време ќе ја најавиме заедно со селекторите. Се надевам дека и оваа година, како и секоја година, програмата ќе би се допадне и дека ќе биде на едно големо светско ниво“.
Арсовски изјави дека и годинава публиката ќе има можност да види и слушне некои од врвните имиња од светот на класичната музика. Додаде дека како директор има свои идеи и планови за во иднина, но објаснува дека годинава нема да експериментира со институцијата Охридско лето, која наметна високи стандарди.
„Лично би сакал…. бидејќи потекнувам од Македонската опера и балет би сакал врвните оперски или балетски уметници да ги донесам на Охридско лето и мислам дека ќе успеам во тоа. Веќе воспоставив првични контакти. И ќе ми простите бидејќи се првични контаскти не можам да кажам конкретни ситуации што разговаравме“ – вели Арсовски.
Во однос на неговото менаџирање со НУ, Арсовски истакна дека на досегашната директорка, лично ќе и се заблагодари за нејзиниот ангажман, професионализам, одлична работа и тоа што го остави фестивалот „Охридско лето“ во добра финансиска кондиција. Инаку, Оливер Арсовски е избран за нов директор на фестивалот „Охридско лето“, на местото на досегашната директорка Елизабета Јанкуловска, на која и заврши четиригодишниот мандат. Во периодот од 2007 до 2010 година, Арсовски беше директор на Македонската опера и балет, а во два наврати, во 2014-та и 2015-та година беше уметнички директор на познатиот фестивал на забавна музика „Макфест“. И оваа година во периодот од 12-ти јули до 20-ти август сите вљубеници во културата, ќе ја проследат програмата на 56-то издание на престижниот фестивал „Охридско лето“.