ЕВН ја исклучило струјата во салата „Билјанини Извори“ од јавното претпријатие демантираат
Од јавното претпријатие Билјанини Извори пак велат дека струја во салата има, а причината за немањето на електрична енергија во текот на вчерашниот ден се должело на оштетен доводен кабел при градежни зафати на тениските терени во кругот на спортскиот центар.
Теквондистите од Фајт клуб Мастер од Охрид нивниот вчерашен тренинг во спортската сала „Билјанини Извори“ го држеле во мрак. Причина за тоа е што службите на ЕВН Македонија во текот на вчерашниот ден повторно ја исклучиле спортската сала „Билјанини Извори“ од напојување со електрична енергија. Портпаролот на оваа компанија, Атанас Ковачевски вели дека во тек се разговори со цел да се надмине моменталната ситуација, и потврди дека штом се создадат услови, повторно ќе се воспостави снабдување со електрична енергија на спортскиот центар.
„Динамиката на исклучувањето, претходно најпрво се опоменува корисникот, дека има долг кој треба да го расчисти, и веќе од вчерашниот ден е постапено кон исклучувањето, денеска скоро целосно е реализирано исклучувањето од дистрибутивниот систем. Плаќањето на сметките навреме според утврдениот рок и почитувањето на рокот за плаќање на сметките важи за сите корисници на ЕВН Македонија, согласно тоа ЕВН Македонија има право да ја искористи и најнепопуларната мерка кога веќе не може на поинаков начин да се наплатат средствата, тогаш значи ќе се исклучи од системот корисникот кој по плаќањето на сметката или расчистувањето на долгот кој го има кон ЕВН Македонија, повторно е под напојување. Таков е случајот со корисниците кои навреме не ги плаќаат, а ист е случајот и со спортската сала. Од кога ќе биде извршено плаќањето, ќе биде приклучено напојувањето во спортскиот центар.“-вели портпаролот на ЕВН Македонија, Атанас Ковачевски.
Директорот на јавното претпријатие „Билјанини Извори“, Ристе Мишев пак вели дека во текот на вчерашниот ден имало прекин во снабдувањето со струја, но дека не станува збор за исклучување од системот на напојување поради долгот на јп кон ЕВН.
„Во текот на вчерашниот ден имаше прекин во електричната енергија затоа што при извршување на градежни работи на тениските терени еден доводен кабел е оштетен меѓутоа тоа се санира и од 17 часот електрична енергија во „Билјанини Извори“ има и сите активности кои се планирани, се одвиваат непрекинато.“-рече Мишев.
На прашањето како ја коментира изјавата на официјалните претставници на ЕВН Македонија дека нивните служби ја исклучиле салата од напојување, директорот Мишев со одговор:
„Никако не ја коментирам, јас не ни ја знам нивната изјава, јас можам да ви кажам за кај нас во рамкиве на нашево претпријатие како се одвиваат активностите, дека имаме струја и дека се одвиваат сите активности нерекинато.“-изјави Мишев.
На прашањето дали ЕВН Македонија ќе направи некакви отстапки во однос на снабдувањето со електрична енергија на салата со оглед на тоа дека во сабота токму во салата „Билјанини Извори“ се игра ракометен натпревар помеѓу РК Охрид 2013 и шампионот РК Вардар, портпаролот Ковачевски со коментар дека тие се отворени за надминување на сите недоразбирања со сите свои корисници, и потенцираше дека остануваат отворени за изнаоѓање на најдоброто решение.
Останува прашањето дали доколку до сабота не биде изнајдено решение, закажаниот натпревар ќе биде откажан или пак истиот ќе се одигра благодарение на употреба на агрегати.