Шест месеци дружба на младите танчери од Соната со колегите од познатиот Beatrix Crew
Оваа креативна соработка е всушност дел од големиот проект на Локалната агенција за развој и граѓанската организација Креативни и активни наречен Славење на различностите.
Танчерите од охридското студиот Соната ќе имаат шест месечна професионална дружба со нивните искусни колеги од Beatrix Crew од Скопје. Ќе се подучуваат на нов стил, хип хоп, попинг, кремп, брејкденс. Нивната дружба произлегува како дел од проектот на Локалната агенција за развој од Струга и граѓанската организација „Креативни и активни“ наречен „Декада на припадноста-Славење на различностите“. Ивана Балабанова, инструктор од Beatrix Crew вели дека според нив оваа шестмесечна соработка во рамки на проектот ќе биде навистина интересна.
„Ова е прв пат да соработуваме со клубот „Соната“, сме соработувале, сме се среќавале можеби претходно на натпревари но никогаш претходно вака не сме соработувале, на овој начин, денес е првиот час и можам да кажам дека сум изненадена и презадоволна, со оглед на тоа дека реално во Скопје има многу повеќе клубови, многу повеќе можност да научиш, а овде и нема толку. Соната е единствениот клуб колку што знам, така да мислам дека се одлично подготвени.“-вели Ивана Балабанова од Beatrix Crew.
Единствениот танчер во Македонија кој го игра посебниот стил кремп, Леонардо Хусеини, вели дека е многу значајно да се пренесе знаењето со оглед на тоа дека тој самиот себе се подучувал благодарение на интернетот.
„Секое ново искуство е ново искуство и во секое движење. Танцот се усовршува, само кога би имале повеќе танчери и повеќе дружба меѓусебно, затоа што е говор помеѓу движењата и телото, и мислам дека со повеќе дружење, повеќе играње овде ќе бидеме шест месеци што ќе биде одличен период за да се подобриме и ние, и тие секако и меѓусебно да си помогнеме да станеме подобри танчери.“-рече Хусеини.
Борис Тасковски кој дечињата ќе ги подучува на брејкденс вели дека за овој стил ќе треба добро и физички да се подготват бидејќи брејкденсот знае да бара повеќе напор.
„Баш ми е мило што имаме вакви проекти, и баш ми е мило што ќе ја проширам таа култура и овде затоа што толку стар танц, а сеуште никој не го знае на нашето поле. Секогаш има потенцијал и може да се работи, ние сме работеле и со физички не така спремни деца, ама за се има тренинг.“-смета Тасковски.
Христијан Проданов, исто така инструктор во Beatrix Crew вели дека е задоволен од тоа како младите танчери од Соната ги следат кореографиите. Додава дека за среќа почнуваат со танцот во време кога тој полека но сигурно станува се попопуларен во земјава.
„Во последниве неколку години тргната е работата, мислам дека порано имаше само две или три студија само во Скопје, во другите градови немаше воопшто. Сега се прошири, еве во Охрид имаме, имаме во Струга, во Куманово, во Штип мислам дека има студио за танци, така што мислам дека во Македонија веќе заживува во тој поглед и мислам дека допрва ќе се шири таа култура.“-вели Проданов.
Инаку денес беше првиот час од шестмесечната соработка помеѓу Beatrix Crew и танчерите од Соната. Тие ќе вежбаат по час и половина секои сабота и недела учејќи ги, и зголемувајќи ги своите знаења за хип хопот, брејкденсот, попингот, новиот и стариот стил, кремпот.