Ризична депонија над Лабуништа, струшко
Ризична депонија над Лабуништа, струшко. Мини градчето како што милуваат да го наречат лабуништани нивното населено место, кое се крие во една прекрасна природа, никако да го искоренат проблемот со дивите депонии. Наместо државата конечно да инвестира во изградба на регионална депонија со што долгорочно ќе се надмине проблемот со одлагањето на сметот, дозволува депонијата над селото да биде се поголема, но и да никнуваат и други мини депонии, се жалат мештаните.
Дивите депонии го гушат Лабуништа и околните струшки села. Лабуништани сакаат да се исчисти дивата депонија која е лоцирана над селото, од каде постојано се шири неподнослива смрдеа и го отежнува дишењето посебно во летниот период. Директорот на ЈП „Хигиена“ Исмет Лапоски, вели дека цел тим од 15 луѓе се ангажираат околу хигиената и одлагањето на сметот во селото, но нагласи дека како претпријатие се судруваат и со низа проблеми. Пред се тој смета дека сеуште многу треба да се работи на подигање на свеста кај населението за јавната чистота, но и изградбата на дива депонија е сериозно прашање кое треба час поскоро да се реши.
„Неопходна е регионална депонија, гледаме дека ниту во Струга не и местото таму, мора да се направи една регионална депонија која ќе биде од интерес за сите граѓани и истата да биде на едно место и на природата да не и нанесува штета“ – вели Лапоски.
И Абдула Ќазимоски жител на Лабуништа кој во моментов е претседател на струшкиот Совет вели дека се залагаат час поскоро да се реши проблемот со изградба на регионална депонија, за што лично смета дека и струшкиот градоначалник Зијадин Села почнал сериозно да размислува. Тој вели дека овој проблем и тоа како е сериозен но спрред него државата е таа која треба да даде амин за тоа.
„Се обидуваат да направат напори за да го решат проблемот но тоа треба да биде практични и малку поактивно треба да се инвесртира во тој поглед. Сметам дека во прашање се инвестициите каде треба да се инвестира малку повеќе а тие како да имаат змии во џебовите инвестираат за свои политички цели. Јас би изразил голема благодарност дали оваа или следната власт го реши проблемот со сметото во нашето општество“ – нагласи Ќазимоски.
Во Лабуништа подигањето на отпадот се врши во 6 реони и секој ден луѓето го изнесуваат пред домовите во канти и кеси за отпадоци, од каде екипите го подигаат и го носат на депонијата над селото, информираа од ЈП. Додаваат дека имаат добра наплата која посебно последнава година е за 30% повисока во споредба со минатото.