Нов обид за излез од кризата?
Меѓународните посредници за Договорот во Пржино в петок во Виена ќе се сретнат со четворицата партиски лидери, пренесува „Телма“.
Меѓународните посредници за Договорот во Пржино в петок во Виена ќе се сретнат со четворицата партиски лидери, пренесува „Телма“.
Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи добија покана од тројцата европратеници Вајгл, Кукан и Ховит заедно со еврокомесарот Јоханес Хан да се состанат на 22 април за да разговараат на кој начин да ја решат кризата и како да се осигура имплементацијата на Договорот од Пржино и реформските пориоритети, се вели во соопштението од Брисел.
“Еврокомесарот Хан сака брзо да се сретне со лидерите .Тие мора да покажат волја да ја вратат земјата на евроатлансткиот пат„, се вели на крајот од писмото што го добивме од прес канцеларијата на Хан.
Засега официјална потврда дека ќе присуствува на средбата на четирите најголеми политички партии пристигна само од ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ соопштија дека Заев ќе се консултира со партиите во здружената опозиција и со граѓанските организации кои ги организираат протестите пред да донесе одлука. Се очекува учеството да го потвдат ДУИ и ДПА.
Пратеникот во Европскиот парламент и известувач за Македонија, Иво Вајгл во телефонски разговор ни изјави дека течат подготвките за оваа лидерска средба, веројатно последна за спас на Договорот од Пржино, која би се одвивала во ист формат како и претходните во Скопје.
Но овој пат вилата во Пржино не е локацијата каде што еврокомесарот Хан би сакал повторно да дојде по неколку долги и мачни преговори што ги водеше со македонските партиски лидери, од кои имаше и неуспешни исходи, па избрана е неутрална локација – Виена.
На состанокот ќе присуствуваат сите кои седеа на преговарачката маса во Пржино, Хан, четворицата лидери , европратениците Вајгл, Ховит и Кукан, како и амбасадорите на САД и Европската Унија во Скопје, Џес Бејли и Аиво Орав.
Овој нов обид за посредување на меѓународната заедница доаѓа откако политичката криза уште повеќе се влоши по одлуката на претседателот Иванов за помилување на политичарите што иницираше протести и распишувањето на изборите за кои опозицијата најави дека ќе ги бојкотира. Еврокомесарот Хан деновиве изјави дека ако партиите не работат и не се фокусирани на фер избори, новата влада нема да биде меѓународно признаена.