Skip to main content

Електронско плаќање на сметките од МЈП „Проаква“ за физички лица

Новина во работењето на МЈП „Проаква“. Од денеска корисниците на услугите од ова Јавно претпријатие можат да користат нов пакет . Тоа е електронско плаќање на сметките за физичките лица. Менаџерскиот тим со воведувањето на оваа новина очекува подобрување на наплатата, како и подобрување на услугите и комуникацијата со потрошувачите.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Околу 23 000 коминтенти од Охрид сметките за потрошена вода ќе можат да ги подмират електронски. Оваа новина, односно пакет услуги во работата на МЈП Проаква на прес конференција ја соопшти директорот, Томе Паскалоски. Тој истакна дека како ЈП се први во регионот кои го воведуваат електронското плаќање на сметките, сметајќи дека со ваквиот начин на плаќање се добива поголема економичност, заштеда на човечки ресурси, ангажирање на вработени, заштеда на материјални средства, хартија и сл, намалување на редовите и гужвите во службите каде што се наплатните пунктови како и намалување на гужвите во банки и пошти.

„Овој електронски билинг, односно плаќање на сметката по електронски пат, кој ние го воведуваме не е само плаќање туку и преглед на сите сметки кои се заостанати и кои се обврска на клиентите да ги измират према ЈП Водовод Охрид. Влегувате во системот ви треба само корисничкиот број на сметката кој е во горниот лев ќош на самата сметка се логирате со сопствен емаил и пасворд кој вие ќе го одредите и тоа е многу едноставно и брзо“ – вели Паскалоски.

Секој што има интернет пристап може да ја користи новата услуга, вели Паскалоски. Опцијата ќе работи 24 часа во текот на денот и ќе може во било кое време да се изврши плаќањето преку интернет пристап. Постапката се одвива едноставно, преку логирање на веб страната од ова јавно претпријатие, додава директорот. Исто така Паскалоски нагласи дека примаат забелешки и коментари со цел да се надминат недоразбирањата, бидејќи само така би се допринело за подобрување на квалитетот на работа со цел ЈП да биде потранспарентно.

„Ова е нова работа во нашето претпријатие за многу луѓе непозната, но за најголем дел во ова модерно време опција која ја практикуваат секаде во светот посебно помладата генерација. Таргет група нас ни се викендашите оние кои не живаеат во Охрид и сите оние кои се надвор од државата“.

Паскалоски информираше дека има околу 10 илјади викенд станови и конечно и тие ќе можат да извршат плаќање на сметките за потрошена вода токму преку овој начин. Директорот потенцираше дека ваквата опција може да биде користена и од маргинализираните лица, кои не може да излезат од дома. Инаку Паскалоски изрази голема благодарност до изработувачот на апликативниот софтвер, компанијата Ентер, како и на Тутунска банка која се јавува како нивен партнер. Проктот се работел во тек на една цела година.