Skip to main content

Ќе се подобрува пристапот на лицата со хендикеп до музеите во Охрид

Со европски пари ќе се подобрува пристапот на лицата со хендикеп до музеите во Охрид. Завод и музеј како и невладините организации имаат можност да аплицираат со проекти за добивање грантови за оваа намена. Завод и музеј преку вакви мали грантови досега аплицираше и доби средства за два проекти и тоа за изградбата на реплика на охридскиот чун и за проектот со наслов „Допри ја културата, почувствувај ја уметноста“ наменет за лицарта со оштетен вид.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Ќе се подобруваат пристапните места за лицата со попреченост до музејските збирки во градов. Завод и музеј како и невладините организации имаат можност да аплицираат со проекти за добивање грантови во висина до 4000 евра за оваа намена. Рокот за аплицирање е до 4 мај. Проектите се финансирани од фондацијата Ставрос Ниаркос.

Рокот е краток за аплицирање затоа ги повикувам сите заинтересирани невладини организации кои се во можност да изготват ваков проект да го сторат тоа и да го достават до Завод и музеј па ние ќе аплицираме во нивно име, објаснува Горан Патчев-архитект при Завод и музеј.

Завод и музеј преку вакви мали грантови аплицираше и доби средства за два проекти. Тоа беше изградбата на реплика на охридскиот чун и проект со наслов „Допри ја културата, почувствувај ја уметноста“ кој Завод от го изработи заедно со Здружението за слепи лица од Охрид а  беше финансиран од фондацијата Ставрос Ниаркос во партнерство со Шведската организација „Културно наследство без граници“. Со овој проект требаше да им се овозможи на слепите лица и лицата со оштетен вид подобар пристап до просториите со музејските збирки и експонати во Охрид.

Овие два проекти се завршени, но отворија можност за нивно надградување. Особено вториот кој е наменет за лицата со оштетен вид. Постојано пристигнуваат нови идеи од здруженијата за слепи лица и тие можат да се инкорпорираат во пракса. Соработката со невладините организации и граѓанските здруженија ни е од исклучителна важност при реализација на ваквите проекти, вели Патчев.


За реализираните проекти и за идните планови се разговараше на четвртата годишна конференција “Запознај, види, направи” која се одржa во Скадар, Албанија. Конференцијата е организирана од Балканската мрежа на музеи, мрежа на повеќе од 40 музејски институции од Балканот и Фондацијата Културно наследство без граници.К онференцијата е организирана за поттикнување на прекуграничната соработка и размена меѓу музејски професионалци и професионалци за културно наследство на Балканот. Тоа е место за учење и споделување и одлично место за градење на партнерства. На “Запознај,види, направи” , исто така, се слави важната улога на музеите која ја играат во нашите општества.