Зголемена наплатата на сметките за вода
Квалитетно водоснабдување приоритет за МЈП „Проаква“ Охрид. Првиот човек на претпријатието Томе Паскалоски открива дека последниве 2 години наплатата е драстично зголемена, благодарение на добрата комуникација која ја имаат со своите потрошувачи. Директорот вели дека посветено работат на враќање на имиџот и угледот на едно од најстарите претпријатија кое постои од пред втората светска војна.
МЈП „Проаква“ бележи добра наплата. Зголемена е редовноста при наплата на сметките кон МЈП „Проаква“ и таа изнесува над 90% како од физичките така и од правните лица. Директорот на претпријатието Томе Паскалоски открива дека тоа се должи на континуираната соработка со своите коминтенти како и на квалитетот на услугата која им се нуди на потрошувачите.
Имиџот и угледот се губат експресно а за да ги стекнеш повторно треба период. Сега полека го враќаме угледот, дигнитетот на Водовод е вратен и секој оној кој ќе ја добие сметката од нашето претпријатие поинаку размислува не како што беше пред 5-6 години, сега секој еден е сериозен во однесувањето кога се работи за ЈП секој гледа да ја плати сметката и да биде добар коминтент бидејќи и нашите услуги се квалитетни“.
Паскалоски напоменува дека нивен главен приоритет е да се подобри квалитетот на водоснабдувањето за сите граѓани.
„Имаме редовни средби со сите месни заедници, имаше и претходната недела и сите проблеми и прашања од граѓаните ги имаме евидентирано и за истите размислуваме и бараме решенија за подобро водоснабдување. Приоритет ни е квалитетно водоснабдување, ориентираност кон корисниците, приоритет број два ни е профитабилност за опстанување на фирмата“.
Околу цената на водата за пиење, Паскалоски смета дека таа мора да биде економска и профитабилна, а не политичка, секако согласно одредувањето на регулаторната комисија. Додава и тоа дека цената во ова претпријатие 15 години не е покачена и покрај тоа што во меѓу време се покачиле бензините и телефонските услуги, електричната енергија и сите комунални давачки кои го оптоваруваат домашниот буџет. Паскалоски категоричен дека во моментов имаме најдепресирана цена, како и тоа дека 90% од сите општини во Македонија имаат повисока цена на водата. Според него цената на водата е сеуште ниска и една просечна сметка за домаќинство не е повисока од 500-600 денари.