Skip to main content

Се прошири семејството на асоцијацијата „Сите за спорт-спорт за сите

Три нови спортски работници од градов станаа дел од оваа асоцијација чија цел е подигнување на нивото на спортот во градов.

 |  Мишел Наумоски  | 

Денес се прошири семејството на спортски работници во асоцијацијата на спортови „Спорт за сите-сите за спорт“. Нови нејзини членови се текводо клубот „Хва Ранг ИТФ“ од Лескоец, здружението за велосипедизам, планинарење и еко култура „З`ш авантура“ како и луѓето од студио „Кинезио“ кои работат со корективна гимнастика. Жанко Голабоски, претседател на „З`ш авантура“ вели дека очигледна е потребата од подигнување на свеста кај сите граѓани за значењето на спортот.

„Да избегаат малку од дома од пред телевизор, од пред лаптоп и од пред компјутер. Јас секогаш кога ги повикувам луѓето на некое планинарење или велосипедска авантура, или еко патрола, викам движете се за да не заборавите да одите. Затоа што се всадивме во столиците и по цел ден, и наработа и нашколо од седум наутро до седум навечер, движењето им е од дневна или детска до кујна и назад или на голем одмор петнаесет минути. Закржлавеа децата, па и родителите и бабите и дедовците. Зошто да не дојдат кај нас и на седумдесет години не се бават со некој спорт. Јапонија тогаш почнуваат со живот, ја земаат пензијата и уживаат.“-вели претседателот на „З`ш авантура“, Жанко Голабоски.

Марјанчо Лазарески од теквондо клубот „Хва Ранг ИТФ“ од Лескоец, вели дека тие ќе го дадат својот придонес не само за промовирање на спортот туку и за што е можен поголем раст и развој на асоцијацијата во која денес пристапуваат.


„Зедовме учество на „ЕХО фестивалот“ во „Григор Прличев“ и најмногу што ми се допадна беше пристапот на оваа асоцијација до најмладите генерации, претставување на сите спортови, претставување на спортови во живо, а не на телевизија, секое дете имаше можност да се запознае со повеќе спортови, да проба нешто од тие спортови и тоа е најубавиот пристап што го имам видено кај некоја асоцијација и тоа беше пресудно да пристапам на оваа асоцијација и да бидам член од оваа организација.“
-рече Лазарески.

Опфаќање на сите возрасти со спортот пак е особено важно според претставникот од студио „Кинезио“, Емилија Симјаноска.

„Ние како студио Кинезио одлучивме да се приклучиме во асоцијацијата на спортови бидејќи секако поддржуваме активности и не само помеѓу младите туку и меѓу постарите. Кај нас како клиенти во студиото имаме клиенти не само млади и средношколци туку членуваат и постари лица, најчесто жени, мислиме дека тоа е одлично и дека треба да се приклучат и постарите, не само кон корективната гимнастика туку и кон другите спортови.“-изјави Симјаноска.

Иван Цветкоски од асоцијацијата на спортови „Спорт за сите-сите за спорт“ вели дека приклучувањето на новите членови за нив е како ветар во грб во нивната цел за подигнување на нивото на спортот во градов.

„Сега секако дека ќе дојде делот кога ќе треба да се направи една подолгорочна стратегија, на годишно ниво каде што ќе ги утврдиме заедничките настани. Она што можам да го најавам за побрзо, а за кое верувам дека „З`ш авантура“ ќе учествува бидејќи се љубители на планината, е планинарската тура од Велестово до Висок врв која планираме да ја организираме околу 14-15ти мај, тоа ќе биде нели за рекреативците.“-вели Цветкоски.

Цветкоски воедно информира дека асоцијацијата веќе има и официјално лого кое ја симболизира охридската далга, различностите, ги има олимписките бои, но и приказ на индивидуата не само во спортот туку и во општеството. Во наредните месец дена, Цветкоски вели дека ќе биде промовирана и нивната веб страна бидејќи една од целите на асоцијацијата е да бидат достапни за сите граѓани.