Skip to main content

Лабуништа, струшко, важи за мирно населено место

Лабуништа е мирно село. Таму 50 години мештаните не паметат дека се случил некој посериозен инцидент. Во нивното населено место нема ниту оружје, ниту проституција, ниту дрога, велат мештаните, со еден збор оваа населба е без инциденти.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Во Лабуништа струшко, живее многу гостопримлив народ. Секогаш насмеани, лабуништани ќе ве информираат за се што ви треба, ќе ве поканат во својот дом на чај, кафе, но не ве оставаат ниту гладни, туку ќе ве нагостат со доручек или ручек во зависност од времето кога сте ги посетиле. Сеуште ова населено место важи за еснафско и гурбетџиско село, бидејќи голем дел од мештаните за својата егзистенција заработуваат пред се од земјите на ЕУ.

„Лабуништа има повеќе од 9000 жители има околу 2500 работоспособни. Има голем дел кои се на печалба, но и таму не е како што беше некогаш пред десетина година, но сепак лабуништани се вредни и домаќини и се живее на едно добро ниво“ – вели Тасими.

Во Лабуништа мирно се живее, вели Тасими. Додава дека тоа може да се потврди и со полициските билтени на МВР кои последниве 5 децении немаат забележано ниту еден посериозен инцидент.

„Во Лабуништа, јас во моите 50 години, не можам да кажам дека има ниту полициска интервенција, во Лабуништа нема оружје, проституција, дрога, ништо што е спротивно на исламската религија, Лабуништа го има тргнато на страна“.

Инаку Тасими открива, дека Лабуништа последниве неколку години има многу напреднато во поглед на образованието посебно на младите девојки, кои веќе не само што одат во средните училишта туку дека се повеќе завршуваат и високо образование. Исто така Тасими кажа дека и свршувачката не била како некогаш, децата од прерана младост на 13 год да стапуваат во брак, сега тоа е променето . Ретко девојка да се омажи пред да наполни 20 години бидејќи според него на таа возраст време е да се формира здраво семејство.