Заживува традицијата на лазарките
Младите девојчиња од КУД Ѓердан веќе трета година со ред на денешниот празник, Лазарева сабота, одат од куќа до куќа пеејќи песни, а за тоа домаќините ги даруваат со јајце или некоја пара.
Денес е Лазарева сабота. Денот кога младите моми, лазарки го најавувале Велигден и доаѓањето на пролетта. Традицијата на одење од куќа до куќа и пеење песни најчесто со шеговита содржина веќе трета година со ред полека но сигурно ја заживуваат младите девојчиња од куд „Ѓердан“. Тие и денес ја продолжија оваа подзаборавена традиција која некогаш била препознатлива глетка за Лазарева сабота.
„Лазара е празник пред Велигден, ден во кој ние од нашето културно уметничко друштво сакаме со цел да ја обновиме традицијата, со одењето низ куќите во Охрид, сакаме домаќините на куќите да ги вратиме во времето кога тие го прославувале овој празник.“
„Три години учествувам на овој празник, многу сум радосна, а и домаќините се радосни кога одиме од куќа во куќа.“
„Денеска шетаме по куќите со цел да ја одржуваме традицијата на овој празник. На овој ден ние одиме по куќи, шетаме и луѓето, домаќините се премногу среќни што ги посетуваме и што ни текнало да одиме кај нив, и ни даваат пари, јајца.“-рекоа дел од лазарките.
Благородната идеа да се врати некогашната традиција на лазарките, е на долгогодишниот фолклорен работник и раководител на КУД „Ѓердан“, Методија Менде Баракоски. Тој вели дека тоа го прави со вистинско задоволство.
„Сакаме да го обновиме овој празник, празникот си е празник, но да го обновиме одењето по куќи, да ги посетиме домаќинствата, и она што било убаво и убаво, и интересно, и вредно не треба да се заборави, и треба да се чува, а ќе го чуваме преку овие млади генерации, јас сум радосен еве трета година каде што ги организирам и кога ќе ја видиам радоста на домаќините како со раширени очи не следат и се радуваат, па трчаат некое јајце или бонбонче да им дадат, тоа е навистина радосен момент, барем за мене, ама и децата ги подготвив за така да се чувствуваат за да ја пренесат таа позитивна енергија кај тие родители, кај тие домаќинства.“-вели Методија-Менде Баракоски, раководител на КУД „Ѓердан“.
Лазарова сабота е еден од поголемите христијански празници од пролетниот циклус којшто секогаш се паѓа еден ден пред Цветници, или точно една недела пред најголемиот празник Велигден. Во христијанството овој празник ја означува победата на животот над смртта. На овој ден се споменува чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар извршено од Исус Христос. За обичаите и верувањата на народот поврзани со Лазара и Цветници дознаваме од записите на собирачите на народни преданија и умотворби. Евтим Спространов забележал дека во Охрид, Лазара се празнувала на Цветници, а во Струга во сабота. На Цветници пак се раздавале цвеќиња, особено зеленика и дафина, кои се чувале пред иконата во домот. Во зборникот на браќата Миладиновци покрај повеќето лазарски песни среќаваме податок и за изведувањето на овој обичај во Струга, во половината на минатиот век.
„Рано децата оделе по куќите со шарени стапчиња. Тој ден, а и на Цветници се собирале девојките по маалата дотерани како невести. Во Струга Лазара се славело три дена и тоа: петокот, кога се навестувал празникот, саботата – „Дај ми пара Лазаре“ и неделата – Цветници или „Вијур, вијур Гајдано.“