Охриѓаните Џамбазови единствените изработувачи на традиционални свеќи во градот
Охриѓаните Џамбазови единствените изработувачи на традиционални свеќи во градот.
Се наближува големиот христијански празник Велигден. Овој празник верниците го слават со вапцувањето на црвено јајце, но и со посета на црквите каде што палат свеќи и се молат за здравје и бериќет на семејството. Во Православието зад светлоста на свеќата се крие длабока симболика. Во Охрид како духовен центар во минатото имало неколку семејства кои изработувале свеќи. Денес, во охридската чаршија помеѓу мноштвото современи дуќани, со децении опстојува и пркоси на новото време малото занаетчиско дуќанче на свеќарите Воислав и Павел Џамбазови, татко и син. Свеќарите ги следат потребите на верниците, но и трендовите кои ги носи новото време.
„ За Велигден се прават бели и шарени свеќи, да се означи традицијата. Се прават бели свеќи со црвено да се прошарани , џинџири – минџири што се викаат по старински. Верниците за Велигден ги купуваат белите свеќи, а за другиет празници се бараат жолтите. Се трошат и белите ама поретко“, кажува Џамбазов.
Традицијата на свеќарскиот занает на Џамбазови има корени од 20 -тите години од минатиот век. Со занаетот почнале дедо му Номче и баба му Славка која потекнувала од свеќарското семејство Голеви. Изработката на свеќи од минатото до денес не се изменила многу, објаснува мајстор Војо кој веќе 35 децении е свеќар. Основните суровини, за изработка на свеќите се парафинот, восокот и конецот.
„Се е рачно нема калапи туку рамки. Се мотаат конците, и се потпопуваат во парафинот. Не е некоја голема процедура. Постојат машини ама немаме можност да дојдеме до тие машини. Имаме едноставни цилиндри и работиме на примитивен начин“, појаснува Џамбазов.
Воислав од најмали нозе растел покрај тасовите со парафин и восок, гледал љубопитно како се изработуваат свеќите и спонтано пробал и тој да направи свеќа. Истото се случило и со негивот син Павел. Мајстор Воислав не се жали од свеќарскиот занает. Вели никогаш не зажалил што останал верен на семејната традицијата. Тој не го крие задоволството што по неговите стапки чекори синот Павел и ја продолжува 4 – тата генерација свеќари Џамбазови. Задоволно вели јас бев подобар од мојот татко, а се надевам дека синот Павел ќе биде понапреден во работата од мене. Тоа е успехот и задоволството во занаетот.